сабота, 27 јули 2024
Невладини организации се повлекоа од изработка на новиот КЗ

Постапката во која беа донесени измените на Кривичниот законик е спротивна на владеењето на правото, вели Блупринт групата

Групата на граѓански организации за реформи во правосудството, Блупринт, денеска на прес-конференција соопштија дека се повлекуваат од процесот за изработка на новиот Кривичен законик. Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници изјави дека клучната причина за нивното повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 Септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата.

Објавено на

часот

Сподели

„Постапката во која беа донесени измените во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото“, истакна Цветановска.

Во ваква ситуација и состојба, додаде таа, сведоци сме на дрска злоупотреба на таканареченото европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки.

„Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека ‘плаќа двојно’“, посочи Цветановска.

Таа исто така нагласи дека и нивната одлука за неодамнешното повлекување од работната група за изработка на нацрт предлогот за Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка е тесно поврзано со нивниот став за повлекување од процесот за изработка на нов Кривичен законик.

„Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупцијата. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме“, додаде Цветановска.

На новинарско прашање поврзано со излезот од оваа ситуација и дали може нешто да се смени во однос на Кривичниот законик, Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ рече дека со измените коишто веќе се донесени и стапени на сила, последиците ќе ги трпат и граѓаните и владеењето на правото.

„Враќање назад од таа ситуација нема, односно застарувањето на предметите кои што се опфатени со овој Кривичен законик, дополнително со новиот, додадени се измени во поглед на тоа да се додаде повторно враќање на кривичното дело за јавни набавки, меѓутоа тоа ќе биде закон којшто ќе биде во иднина. Во овој момент за актуелните процеси ќе се применува овој закон, односно овие измени затоа што станува збор за закон којшто е поповолен за граѓаните“, рече Петковска.

На прашањето дали може во скоро време да се очекува донесување на новиот Кривичен закон, Жарко Хаџизафиров од Центарот за правни истражувања и анализи истакна дека по затворање на текстот тој ќе биде предаден на Министерството за правда, од таму во Владата и дека за помалку од месец дена, во октомври се очекува финализирање на текстот.

Во однос на прашањето поврзано со укинатото кривично дело злоупотреба при јавни набавки и што ќе се случи со тие што во моментов ги злоупотребуваат јавните набавки и дали има членови по кои обвинителството може нив да ги гони, одговорот беше дека обвинителството може да постапува по член 353 од Кривичниот законик, меѓутоа казните што се пропишани се значително пониски, се водат по скратена постапка, не се водат истрагите во обвинителство, суди судија поединец и станува збор за едно лесно кривично дело за разлика од претходно. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ