среда, 19 март 2025

Последни испраќања утре во Штип, Кочани, Облешево, Скопје на починатите во кочанскиот пожар

Погребот на починатите во пожарот во Кочани ќе се одржи утре. Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во Облешево. Другите погреби ќе се одржат исто така утре, во различни временски периоди.  

Објавено на

часот

Сподели

„Свештениците од локалните цркви ќе ги контактираат сите ужалени семејства со детали околу погребот“, информираат од Центарот за управување со кризи.

Оттаму ги замолуваат сите граѓани на разумно постапување и достоинствено испраќање на жртвите во трагедијата во Кочани.

Во пожарот што се случи во неделата рано сабајле загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.

Членовите на бендот ДНК што починаа од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе бидат погребени утре. Пејачот на бендот, Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребен на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев, ќе биде на градските гробишта во Струмица.

Од семејството на Андреј Ѓорѓиески соопштија дека погребот ќе биде во 10 часот, а од Факултетот за музичка уметност на нивната фејсбук-страница објавија дека погребот на Пројковска ќе биде на гробиштата во Лисиче во 12 часот.

„Телото ќе биде изложено во црквата Св. Петар и Павле во Лисиче“, објавија од ФМУ.

Од Основното музичко училиште „Боро Џони“, каде што Ѓорѓиев беше вработен, ја потврдија информацијата дека тој ќе биде погребен на градските гробишта во Струмица. Претходно, посмртните останки ќе бидат изложени во Градската капела од 12 часот, а утре во 10 часот вработените во музичкото училиште ќе одржат комеморативна седница.

Во црквата во штипско Ново Село, телата на Филип Стевановски и на Александар Коларов, кои беа дел од бендот на ДНК, ќе бидат изложени од 9 до 11 часот, а во истото време телото на Александар Ефремов, кој исто така беше дел од бендот, ќе биде изложено во црквата „Света Троица“ во Штип.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ