вторник, 16 април 2024

После изборите вработените во АРМ и во МО ќе ги добијат дополнителни исплати на платите, најави Петровска

Министерката за одбрана во техничката Влада, Славјанка Петровска денеска изјави дека Законот за вработени во Министерството за одбрана (МО) е еден од позитивните големи проекти што се случиле, покрај потпишувањето на колективниот договор и коишто во суштина одат, рака под рака со процесот на модернизација на одбраната.

Објавено на

часот

Сподели

„Зошто? Затоа што не може да имате силна армија, да гарантирате одбрана ако човечкиот фактор, односно човечките ресурси и луѓето кои се клучниот сегмент не бидат соодветно задоволни и не бидат мотивирани понатаму да продолжат да ги извршуваат своите задачи. Јас сум горда на припадниците и на македонската армија и на вработените во МО, кои многу тешки процеси изминативе 32 години независност ги износеа на свој грб, на свој товар и би рекла дека многу трпеливо го чекаа овој момент на усвојување на новиот закон за вработени“, истакна Петровска.

Новиот закон, таа не го гледа „само како придобивка во делот на платите, туку многу повеќе како придобивка во олеснување на процесот и на вработување, меѓутоа и во процесот на унапредување на кадрите, особено акцентирајќи ги оние типични специјалности за коишто сите ние постојано зборуваме, а досега не е понуден механизам како тие соодветно да бидат апострофирани“.

Околу примената, како што појасни таа, биле направени консултации со ДКСК токму во делот на членот 8-а, кој не дозволува вонредни исплати или исплати коишто не биле планирани.

„Иако финансиските средства и за Законот за вработени и за колективниот договор кој го потпишавме со репрезентативниот синдикат, очекувам и другите синдикати да се приклучат, сепак нема да можеме да ги правиме тие исплати во овој период токму заради забраните што постојат во Изборниот законик, меѓутоа апсолутно сите вработени веќе ги имаат стекнато тие права со тоа што оние права кои се однесуваат на дополнителни исплати, ќе бидат имплементирани по завршувањето на изборниот процес“, појасни Петровска, одговарајќи на новинарски прашања.

Таа подвлече дека како министерка, не сака да се фрли дамка и на колективниот договор и на Законот, со евентуални обвинувања дека тоа се прави од политички или други побуди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ