Купувачите ќе мора да се регистрираат преку мобилна апликација, да добијат код за одобрување од Министерството за надворешни работи и да ги почитуваат месечните квоти при купувањето, пренесува Ројтерс.
Овој потег претставува пресвртница во напорите на кралството, предводено од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, да ја отвори ултра-конзервативната муслиманска земја за туризам и бизнис, бидејќи пиењето алкохол е забрането во исламот.
Новата продавница се наоѓа во Дипломатскиот кварт на Ријад, населба во која престојуваат амбасади и дипломати и ќе биде „строго ограничена“ за немуслиманите. Продавницата се очекува да биде отворена во наредните недели.
Саудиска Арабија има строги закони против пиење алкохол казниви со камшик, депортација, парични казни или затвор, а иселениците исто така се соочуваат со депортација.
Странските амбасади можат да увезуваат алкохол според специфицираните договори со саудиската влада, додека некои прикрадуваат алкохолот во безбедни „дипломатски торбички“ кои не можат да се проверат. Оттаму, шишињата често се продаваат на црниот пазар по огромни цени, според иселениците и локалните жители во земјата.
„Сите знаат кои амбасади продаваат алкохол… некои од нив развија сериозен бизнис од тоа, продавајќи го на црниот пазар за четири, пет, дури и десет пати повеќе од нормалната цена. Стана смешно. Владата мораше да направи нешто“, изјави за CNBC еден саудиски инвеститор со седиште меѓу Дубаи во Обединетите Арапски Емирати и Ријад.
Владата на Саудиска Арабија потврди дека регулирањето на квотите за алкохол за дипломатските мисии е воведено за да се „спротивстави на недозволената трговија со алкохолни стоки“, се вели во соопштението на Центарот за меѓународна комуникација на земјата, цитирана од Си-ен-ен.