Во овој период на жалост, кога болката од згаснувањето на 59 животи е неизмерна, треба да се почитува приватноста на семејствата, а медиумите да известуваат одговорно и професионално. Бидејќи, загубата на овие млади животи е толку трагична и трогателна и воопшто не се потребни светлата на камерите да сведочат за лелекот на скршените души што ќе се збогуваат со своите чеда за последен пат.
Редакциите на членките на Онлајнмедиа одлучија да не се снимаат погребите на загинатите не само во Кочани, туку и во сите други градови во земјава. Исто така, членките на Онлајнмедиа (onlinemedia.mk) нема да објавуваат видеозаписи и фотографии од погребите, ниту од други медумски куќи.
И жителите на Кочани до медиумите упатија апел да не се злоупотребува трагедијата и тагата на луѓето за сензационализам и да се обезбедат достоинствени услови за погребите.