сабота, 27 јули 2024

„Портали“ – изложба на дела на Христина Мазнеска во Струмица

Објавено на

часот

Сподели

„Човечката желба за осознавање на далечните вселенски простори и светови, кои паралелно егзистираат со нашиот, е стара и конзистентна со нашето досегашно постоење. А несомнено, времето во кое живееме; време на бројни технолошки достигнувања како само да го дополнуваат тој внатрешен, исконски порив. Таквото настојување за истражување на универзумот и паралелните светови со сигурност може да се согледа во циклусот ‘Портали’ на Христина Мазнеска, составен од дваесетина дела, работени во различен временски период, различна техника и дополнително дигитално обработени. Во нив, примарен акцент е ставен на бојата и нејзиниот сензибилитет, додека пак цртежот, ставен во втор план, со тенденција за негова елиминација. Ваквиот колоритен сензибилитет, предаден низ своевидна игра на аморфни структури, со еден експресионистички – апстракционен приод, Мазнеска алудира на вечноста на материјата и енергијата и непостојаноста на формата. Низ целиот циклус проникнува еден подлабок философско – метафизички набој, кој ја надополнува ликовната естетика. Нејзините дела како да се обременети со дополнителна философска мистика, па дури и теософска идеологија, барајќи претходно проучување и предзнаење од спектаторот, за да може идејата на уметникот дословно да биде предадена“, пишува во освртот кон изложбата историчарот на уметноста Марјан Минов.

Христина Мазнеска е визуелна и мултимедијална уметничка, сликарка, илустраторка и графичка дизајнерка. Родена во Прилеп во 1995 г. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје во 2018 година, во класата на проф. Жанета Вангели на отсекот сликарство со модул графички дизајн. Како добитничка на стипендиите Еразмус+ и CEEPUS за студентска мобилност, во текот на своите студии студира и на Академијата за ликовни уметности во Загреб, Хрватска, како и на Унгарскиот Универзитет за ликовни уметности во Будимпешта, Унгарија.

Пред денешната, Мазнеска имала две самостојни изложби во земјава, а била учесничка на повеќе од триесет групни изложби, како и на семинари, ликовни колонии, работилници и уметнички фестивали во Македонија и во странство. Освен што активно се занимава со сликарство и со мултимедијални ликовни практики, работи и како илустраторка и графичка дизајнерка. Досега има илустрирано десетина странски книги за деца. Живее и работи во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ