недела, 19 мај 2024

Порно глумицата Сторми Дениелс на суд раскажа како изгледала ноќ со Трамп

Сторми Дениелс се појави денес на судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во долго очекуваното сведочење за наводната сексуална афера меѓу нив двајца која Трамп ја негира. Таа раскажа и некои детали од наводна средба од 2006 година, како тој дека Трамп ја дочекал на вратата на хотелската соба во сатенска пижама.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поранешниот американски претседател е обвинет дека преку својот поранешен адвокат Мајкл Коен ѝ платил на Дениелс 130.000 долари за да не зборува јавно за нивната афера во предизборната кампања во 2016 година. Трамп тие пари во документите ги прикажал како трошок за адвокатот, а Коен потврди дека Трамп му наложил да ѝ ги исплати парите на порно глумицата.

Сторми Дениелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, своето сведочење го почна со приказна за своето растење со самохрана мајка, која некогаш со денови не била дома.

Почнала да работи како танчарка по клубови на 17 години.

„Танцував за викендите, што беше добро бидејќи не морав да пропуштам училиште“, кажа Дениелс.

Таа раскажа и дека го запознала Трамп на езерото Тахо во 2006 година, на голф турнир на кој учествувал.

Дениелс кажа дека работела за компанија која била еден од спонзорите на турнирот и се запознале кога била организирана средба на голферите со порно глумици.

Кажа дека Трамп ја забележал кога некој од нејзините соработници кажал дека таа и режира порно филмови.

„О, па ти и режираш, мора да си паметна“, сведочеше Дениелс за тоа што ѝ кажал Трамп.

Според нејзините тврдења, подоцна тој ден ѝ пришол телохранителот на Трамп и ѝ пренел дека Трамп би сакал да му се придружи на вечера. Таа првично одбила, но кажа дека го сменила мислењето кога публицистот ѝ кажал дека вечера со Трамп би била добра медиумска приказна.

Пред да почне сведочењето, судијата Хуан Мерчан кажа дека Дениелс може да зборува за основните детали на средбата со Трамп. Адвокатката на Трамп се спротивстави на тоа, истакнувајќи дека тоа не е важно за случајот кој е фокусиран на финансиски документи.

Обвинителката Сузан Хофингер, меѓутоа, кажа дека тој дел од сведочењето е важен за да ја заокружи приказната и да ѝ даде кредибилитет на Дениелс.

„Описот на сексуалниот чин ќе биде многу базичен, без описи на гениталии или нешто слично“, кажа обвинителката.

Трамп, по влегувањето во судницата, ги повтори своите забелешки на сметка на постапката, но не ја спомна Сторми Дениелс. Тој е инаку казнет со 10.000 долари бидејќи ја прекршил судската забрана јавно да зборува за учесниците на процесот.

Трамп негираше 34 точки од ова обвинение.

Сторми Дениелс, која има 45 години, претходно кажа дека имала сексуален однос со Трамп во хотел на езерото Тахо, додека тој бил во брак со Меланија. Адвокатите на Трамп тврдат дека Дениелс сакала да учествува во неговото ријалити шоу „Калфа“.

Дениелс беше мета на напади на Трамп на социјалните мрежи. Судијата Мерчан оцени дека некои од тие напади претставувале кршење на забраната Трамп јавно да зборува за сведоците, поротниците и други учесници во постапката. Мерчан му се закани на Трамп со затвор ако продолжи со таквото однесување.

Поранешниот американски претседател ја оцени забраната како кршење на правото на слобода на говор и кажа дека судењето е обид да се попречи неговата победа на изборите во ноември.

Ова е само една од четирите кривични постапки кои во моментов се водат против Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ