вторник, 22 октомври 2024

Поранешниот претседател на Чиле Себастијан Пињера загина во хеликоптерска несреќа

Чилеанскиот претседател Габриел Бориц прогласи тридневна жалост во таа јужноамериканска земја откако вчера во хеликоптерска несреќа загина 74-годишниот поранешен претседател Себастијан Пињера.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Наредив да биде испратен со сите државни почести на погребот и прогласив тридневна жалост во спомен на претседателот кој служеше два мандати“, рече Бориц во јавно обраќање во земјата со 19-милиони жители.

Економистот Пињера беше богат бизнисмен и конзервативен претседател на Чиле од 2010 до 2014 година и повторно од 2018 до 2022 година.

Хеликоптерот со четири лица полетал околу 15:30 часот по локално време од областа на градот Лаго Ранко на југот на земјата и паднал по неколку минути на брегот на езерото, соопшти Управата за цивилна авијација. Останатите три лица го преживеале падот, извести спасувачката служба по пристигнувањето на местото на настанот.

Пињера летал со цел да се сретне со пријателот и претприемач Хозе Кокс на ручек.

Причината за несреќата сè уште е под истрага. Областа каде што се урна хеликоптерот во вторникот беше погодена од силен дожд. Полицијата и пожарникарите се на местото на настанот.

Претседателите на јужноамериканските земји како Аргентина, Бразил, Боливија, Перу и Колумбија меѓу првите упатија сочувство до семејството и Чиле.

„Во име на Европската Унија, сакам да изразам длабоко сочувство до семејството, пријателите и народот и владата на Чиле“, напиша шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, на социјалната мрежа Икс.

Времето на погребот сè уште не е одредено. Некои жители дојдоа пред куќата на Пињера, на чија ограда закачија чилеанско знаме, положија цвеќе и запалија свеќи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ