среда, 23 октомври 2024

Поранешниот лидер на Каталонија по седум години се врати во Шпанија: Дојдов да ве потсетам дека сè уште сме тука

Поранешниот каталонски премиер Карлес Пучдемон утрово по седум години минати во егзил се врати во Шпанија, а засега не е уапсен во Барселона. Пучдемон, кој го организираше забранетиот референдум за независност на Каталонија во 2017 година, дојде во Барселона за да присуствува на дебатата за избор на нов премиер во локалниот парламент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако Шпанија усвои закон за амнестија за неколку стотици поддржувачи на независноста во мај, Врховниот суд одлучи дека тоа не се однесува на Пучдемон поради „проневера“ на јавни пари како дел од обидот за отцепување. На сила е налог за негово апсење издаден од суд во Мадрид.

Пучдемон се појави утрово покрај симболичниот споменик на Триумфалната капија опкружен со стотици поддржувачи со каталонски знамиња. „Денес дојдов да ве потсетам дека сè уште сме тука. Каталонија има право сама да одлучува за својата судбина“, им рече тој на насобраните.

Пучдемон потоа, опкружен со поддржувачи, тргна кон парламентот во Барселона. Во 10 часот требаше да започне расправа за изборот на премиер на шпанскиот социјалист Салвадор Ила, унионист кој доби најмногу гласови на изборите одржани во април.

Партијата на Пучдемон, Заедно за Каталонија, соопшти дека ќе побара прекин на парламентарната расправа доколку Пучдемон биде уапсен. Другите партии кои ја поддржуваат независноста на автономната покраина на североисток со 7,5 милиони жители го поддржаа тој став.

Се очекува каталонските сепаратисти да се соберат околу парламентот, а протест најавија и шпанските унионисти предводени од десничарската партија Вокс.

Пучдемон можеше да се врати во Шпанија без гранични контроли бидејќи Белгија, каде што живее, како и соседна Франција, каде што водеше кампања за изборите во Каталонија, се во Шенген зоната, така што нема гранични контроли меѓу овие земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ