сабота, 27 јули 2024

Поранешниот албански премиер ставен во домашен притвор

Судот во Албанија денеска нареди на поранешниот претседател и премиер Сали Бериша да му се одреди домашен притвор по обвинувањата за корупција во времето кога беше на власт.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обвинителите го обвинуваат Бериша (79) за злоупотреба на власта додека беше премиер помеѓу 2005 и 2009 година, кога, наводно, го фаворизирал својот зет при приватизација на државно земјиште.

Бериша сега е лидер на најголемата албанска опозициска партија, Демократската партија.

„Судот го прифати барањето на обвинителот за промена на претходно изречената мерка и сега му одреди домашен притвор на Бериша без можност да ја напушти земјата“, изјави адвокатот на Бериша, Генц Ѓокутај по одлуката на судот.

Ѓокутај рече дека Бериша ќе поднесе жалба на пресудата. Поранешниот премиер ги негира тврдењата на обвинителот, обвинувајќи го актуелниот премиер Еди Рама за политички прогон за да ја замолчи опозицијата. Бериша беше претседател од 1992 до 1997 година по турбулентниот пад на комунизмот, а потоа и премиер од 2005 до 2013 година.

Во 2021 година, САД им забранија на Бериша и неговото семејство влез во земјата, а Стејт департментот го обвини дека за време на премиерскиот мандат бил вмешан во „коруптивни дела“, вклучително и злоупотреба на моќта и збогатување на роднини и политички сојузници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ