Центарот, како што информира Росица Стојковска -Живковска, маркетинг менаџер, од 1984 година, па до ден денеска, е во мисија да ги зајакне лицата со попреченост, да ги охрабри младите да напредуваат професионално и лично, како и да ги поттикне социјалните иновации во општеството.
„Патот од 40 години го карактеризираат издржливост, посветена работа и безброј инспиративни приказни за трансформација. Од рушење на бариерите до поттикнување инклузија, сведоци сме на силата што произлегува од единството и различноста на оваа организација“, изјави Стојковска – Живковска.
Со 40 годишното постоење, „Порака нова“, додаде, досега организирала повеќе од 1.000 настани на локално и интернационално ниво, 10 години успешно е партнер во продажбата на списанието „Лице в лице“, а го имаат и првиот вработен продавач.
„Организацијата има имплементирано повеќе од 150 проекти во партнерство со земји од Азија, Европа и Африка. Услугите досега ги имаат користено повеќе од 1.000 лица со попречености, а над 40 лица со попречености се успешно вработени преку посредување на ‘Порака нова’ со општествени одговорни компании“, потенцира Стојковска – Живковска.
„Порака нова“, нагласи, ќе продолжи да ги охрабрува и зајакнува сите за позитивно да влијаат во својата заедница.
„Ајде да продолжиме да иновираме, да промениме нечиј живот на подобро, да се залагаме за маргинализираните групи и да создаваме свет во кој секој има можност да учествува и блесне – е главната порака на оваа организација“, вели Стојковска – Живковска.