Заклучоците кои ја потврдуваат „континуираната и непоколеблива поддршка“ на Европската Унија на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина „силно ги поддржаа“ 26 од 27 лидери, се наведува во соопштението објавено на првиот ден од самитот на ЕУ.
Тоа е симболичен потег во обид да се претстави унгарскиот премиер Виктор Орбан како изолиран. Тој одбива да поддржи воена помош на Унијата за Киев, а европските партнери на Унгарија се обидуваат да го заобиколат евентуалното вето на Орбан.
Истовремено, Орбан ја има поддршката од претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, кој се залага за прекин на огнот во Украина. Трамп ја обвинува Украина за конфликтот со Русија и истовремено го обвинува Киев дека непотребно ја продолжува војната.
Унгарија под Орбан се оддалечува од ставот на Брисел за војната во Украина и попречува усвојување пакети помош од повеќе милијарди евра. Остатокот од ЕУ се труди да најде начин како да продолжи без него, а се очекува тоа да биде истакнато на самитот во Брисел кој завршува утре.
Орбан е најблизок до рускиот претседател Владимир Путин од сите лидери во ЕУ и ги поддржува мировните преговори на Вашингтон со Москва, кои во голема мера ги игнорираат Киев и Брисел.
Унгарија пред две недели одби да ја потпише заедничката изјава на ЕУ во која се наведува дека Украина „до мир стигнува со сила“, што вклучува континуирана европска воена и финансиска поддршка.