среда, 23 октомври 2024

Поради сè помалку мраз на поларните мечки им се заканува смрт од глад

На поларните мечки во канадскиот залив Хадсон им се заканува изгладнување поради климатските промени кои ги продолжуваат периодите на Арктичко Море без мраз, и покрај настојувањата на тие животни да ги прошират своите прехранбени навики. Поларните мечки го користат мразот кој се протега низ дел од океанската површина на Арктикот во текот на студените месеци за да стигнат до главниот плен – фоките.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на потоплите месеци, кога морскиот мраз се повлекува, од нив се очекува да ја чуваат енергијата и дури да паднат во состојба слична на хибернација.

Но, поради климатските промени настанати поради човечката активност, на делови од Арктикот периодот без мраз се продолжува, а само подрачјето околу Северниот пол се загрева два до четири пати побрзо од остатокот од светот. Сето тоа ги присилува поларните мечки сè повеќе време да минуваат на копно.

Следењето на 20 поларни мечки во заливот Хадсон покажува дека иако сè подолго остануваат без ледената површина на океанот и сè потешко стигнуваат до својот вообичаен плен, тие не се откажуваат туку упорно се обидуваат да најдат храна.

„Поларните мечки се креативни, и ако се мотивирани ќе ја пребаруваат околината за да преживеат и да најдат извори на храна за да ги надоместат потребите за енергија“, вели Антони Панго, главниот автор на студијата и биолог на Американскиот геолошки институт УСГС.

Научниците во своето истражување користеле видео камери и ГПС околувратници и така ги следеле поларните мечки по три недели во текот на три години во западниот дел на заливот Хадсон, каде периодот без мраз се продолжил за три недели од 1979 до 2015. Тоа значи дека во текот на последната деценија поларните мечки минале на копно отприлика 130 дена.

Две мечки во следената група останале да се одмараат и ја намалиле потрошувачката на енергија на ниво на хибернација, а останатите 18 останале активни. Некои од мечките во потрага по храна јаделе и трева, диви бобинки, галеби, глодачи па дури и мрши на фоки. Три поларни мечки се решиле на долги пливања, а една поминала оддалеченост од 175 километри.

На крајот, меѓутоа, научниците откриле дека нивните настојувања да се прехранат и да се одржат на копното не им овозможиле да дојдат до доволно калории. Колку подолго остануваат на копното толку е поголем ризикот од изгладнување, предупредија научниците.

Во дивина се останати околу 25.000 поларни мечки и загрозени се главно поради климатските промени кои ги оневозможуваат да се хранат со својот вообичаен плен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ