среда, 25 декември 2024

Поради дојавите за бомби во белградските училишта уапсени три лица во Србија и едно во Чешка

Три лица во Србија и едно во Чешка се уапсени во голема акција на српската полиција и обвинителството за високотехнолошки криминал (ВКТ) поради лажни дојави за бомби, наводно поставени во училишта, кои зачестија во Србија во последните месеци, објавија белградските месеци.

Објавено на

часот

Сподели

Претходно неделава српската влада соопшти дека службеници на одделот за ВКТ на полицијата идентификувале повеќе лица во Србија и едно во странство за испраќањето дојави за бомби во белградските училишта и дека е во тек темелна истрага за откривање на испраќачите кои во изминатите недели ги вознемируваа учениците, родителите и вработените во образованието.

Полицијата сè уште официјално не се огласила за акцијата, а српските медиуми, повикувајќи се на извори упатени во истрагата, наведуваат дека се извршени претреси на повеќе локации и дека е најдено „поголемо количество ИТ опрема“ и дека еден од уапсените е тинејџер.

Од првите денови на училишната 2023/24 во септември се примени вкупно 80 дојави за бомби на неколку десетици имејл адреси во различни образовни институции на територијата на Србија. Само во Белград оваа година имало повеќе од 2.000 такви дојави.

Зачестените дојави за бомби, наводно поставени во белградски училишта, беа искористени на крајот на минатата недела за заемни обвинувања на опозицијата и власта во предизборната кампања за предвремените избори распишани за 17 декември, откако дојави за поставени бомби стигнаа и во неколку белградски градинки.

Во Србија на сила е предизборен молк пред предвремените избори на 17 декември, а опозицијата своите контролори на гласачките места ги предупреди за можни дојави и за време на гласањето, имајќи предвид дека голем број гласачки места се токму во училишта.

Побарано е во случај на дојава шефовите на гласачките одбори да побараат гласањето да не биде прекинато, туку привремено сопрено додека трае полициската проверка, а потоа да биде продолжено за тоа време по официјалниот рок за затворање на гласачките места.

Опозицијата побара и Републичката изборна комисија да обезбеди полициски надзор за време на трансферот на гласачките материјали од гласачките места до седиштето на Комисијата, за да се избегнат манипулации во броењето на гласовите.

Наспроти тоа барање, премиерката на Србија Ана Брнабиќ ја обвини опозициската коалиција „Србија против насилството“ дека на денот на изборите планира да предизвика хаос и да прогласи победа пред да бидат соопштени резултатите.

„Тие планираат од утрото да прават хаос на гласачките места, затрупувајќи ги изборната комисија, судовите и обвинителствата“ со жалби за вечерта „да прогласат победа пред да бидат изброени гласовите, да излезат на улиците и да се обидат да ја преземат власта“, кажа Брнабиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ