сабота, 27 јули 2024

Поповска: Неуставно е подигањето на прагот за собирање потписи за независните листи

Во предизборнава мелница од вести, без многу врева, се протна измената на Изборниот законик, па драматично се подигна прагот за поднесување независни граѓански листи на избори. Новиот услов за независна листа за советници, градоначалници и пратеници стана 1 отсто од избирачите. Ова е елиминација на независните листи од изборната трка и оставање чист простор за „берба“ на големите партии, пишува во својата анализа на фејсбук поранешата пратеничка и поранешна претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска.

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е спротивно на Уставот и го има во далечниот Бразил. Посебно загрижува што најголем број од независните листи се активисти што се борат за здрава животна средина. Кој се плаши од оваа важна тема?“, прашува Поповска.

Таа потсетува дека досега независната листа се поднесуваше со собрани 100 до 1.000 потписи за локални избори и со 1.000 потписи за парламентарни избори.

„Овие бројки не беа лесно достижни, но беа во логичен сооднос со 1.000 потписи потребни за регистрација на политичка партија. И партијата, како и граѓанската листа, претставува група луѓе здружени околу одредена програмска платформа и цели, со право да учествуваат на избори за постигнување на тие цели. Токму затоа ова шокантно подигање на прагот и правење огромна разлика во бројот на потписи кои стојат зад една изборна листа е дискриминирачко и противуставно, создавајќи нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Јавноста очекуваше олеснување на овој процес и извлекување надвор од подрачните единици на ДИК, со намалување на прагот, следејќи добри примери во Европа“, пишува Поповска.

Таа наведува примери што значи во пракса новиот праг од 1 отсто од запишаните избирачи и зошто е недостижен.

„Независните кандидати за советници или градоначалници во Скопје би требало да соберат најмалку 4.673 граѓански потписи, наместо досегашните 1.000, кои се потребни само за да поднесат листа. Тоа е половината од бројот на гласачи кои гласаа за независните листи на Зелен Хуман Град за советници и градоначалник на Локалните избори 2021, кој изнесуваше 9.223 за советот или 4,01 отсто од излезените гласачи, односно 9.954 за градоначалник или 4,33 отсто од излезените гласачи, при вкупна излезност од 51,44 отсто. Резултатот беа двајца избрани советници во градот“, посочува Поповска.

Освен ова, Поповска прашува кому и зошто му пречат независните листи.

„Големите играчи си ги бројат нивните гласови како свои изгубени. Но не би се согласила со нив. Анализата на резултатите од 2021 покажува дека независните листи се во огромен дел граѓански активисти што се борат за здрава животна средина. Тие се хоризонтално поврзани меѓу себе, не секогаш излегувале на избори, а излегуваат токму заради еколошката тема и луѓето од нивната околина што ги познаваат и со кои заедно оделе на протести, пишувале на социјални медиуми. Заеднички се бореле против злоупотреби на поединци или цели институции против загадувањето на воздухот, водите и почвите, против неконтролирана урбана експанзија и уништување на зеленилото во градовите, но и против злоупотреби на заштитените подрачја, против рудници со огромни хидројаловишта полни со цијаниди и сулфурна киселина, за да не им дојдат во дворовите, во нивите, покрај реките и езерата, во заштитени подрачја…Ако ги нема лицата што си ги познаваат и на кои им веруваат, најголем број од гласачите на независните листи повторно ќе станат пасивни и гневни набљудувачи на изборниот процес. И со причина, зашто им е ускратено правото да имаат свои претставници во локалната или националната власт, низ демократски процес на предлагање и избирање“, вели Поповска.

Според неа независните листи му се потребни на целото македонско општество, „заради демократичноста која треба да ја доизградиме, а не разградиме, како и заради одржување на екологијата како важна тема, за да бидеме поздрави и посреќни што живееме во нашата убава Македонија“.

Споредбено, во Австрија и Белгија се доволни од 200 до 500 потписи, во Британија и Финска 100, во Германија 200, во Италија од 500 до 1.000 за влез во Парламентот и од 350 до 700 потписи за Сенатот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ