По разговорот со чешкиот претседател Петр Павел, Фон дер Лаен кажа дека Европската комисија утре ќе предложи закон за производство на муниција.
„Претседателот Павел се врати од Украина и кажа дека сега е најпотребна муниција“, кажа претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лаен додаде дека во предлогот на новите прописи е содржана и клаузула за финансирање во износ од милијарда евра.
„Испораките на муницијата се од клучно значење за одбраната на Украина и евентуалната контраофанзива и враќањето територии. Разговаравме и за членството на Украина во ЕУ. Знаеме дека нема да оди едноставно, но спремни сме да ѝ помогнеме да ги надмине тешкотиите. Бидејќи во наш интерес е да се шири зоната на стабилноста и безбедноста која ја претставува ЕУ“, кажа чешкиот претседател.
За време на кратката посета на претседателката на ЕК на Прага, според чешкиот претседател, разговарано е и за односите со Кина.
„Јасно е дека тука станува збор за ривалство. Кина и демократските земји не ги делат истите вредности. Кина има други стратегиски цели и на нашите односи треба да гледаме и од тој агол“, кажа Павел.