Претседателот Анджеј Дуда, член на десничарската опозициска партија Право и правда, испратил барање до владата на премиерот Доналд Туск барајќи Нетанјаху да не биде уапсен ако стапне на полска територија за да присуствува на комеморацијата која ќе се одржи на 27 јануари, потврди денес неговиот портпарол, а пренесува Политико.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Нетанјаху во ноември минатата година поради можни воени злосторства во Газа.
Израел од октомври 2023 спроведува воена офанзива и геноцид во Појасот Газа, при што се убиени речиси 50.000 луѓе, главно жени и деца, иако тврди дека се бори против Хамас. Налогот на МКС значи дека Нетанјаху треба да биде уапсен ако отпатува во која било од 120 земји потписнички на Римскиот статут, иако некои држави, како Франција и Унгарија, изјавија дека нема да го уапсат.
Според полскиот медиум Интерија, кој имал увид во писмото на полскиот претседател, во писмото се бара „полската влада да му гарантира (на Нетанјаху) непречен престој на територијата на нашата земја во овие апсолутно исклучителни околности“.
Нетанјаху не изразил директна желба за учество на комеморацијата, ниту пак организаторот, Музејот Аушвиц, го поканил. Музејот за полските медиуми соопшти дека се поканети исклучиво преживеани од холокаустот.
Околу милион луѓе биле систематски убиени во логорот Аушвиц од страна на германските нацисти, главно Евреи, што тоа место го прави едно од најголемите губилишта во историјата.