петок, 27 декември 2024

Полски генерал: Ако се договори мир во Украина, Русија би била спремна за војна со НАТО и пред 2029 година

Началникот на генералштабот на војската на Полска генералот Вјеслав Кукула предупреди дека ако наскоро се договори мир во Украина, како што ветува новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Русија и пред 2029 година може да ги обнови своите оружени сили и да биде и порано спремна за конфликт со НАТО.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Русија има демографски потенцијал и суровини, а што е најважно воена индустрија која добро функционира не само кога е војна, туку истовремено го развива одбранбениот потенцијал на земјата. Крајот на конфликтот во Украина во голема мера ќе ѝ ја олесни на Русија обновата и јакнењето на оружените сили“, кажа генералот Кукула за полскиот весник Жечпосполита.

Неодамнешна прогноза на германски генерали предвидува можност Русија да биде спремна за нова војна и конфликт со НАТО веќе во 2029 година, додека полскиот генерал смета дека со завршување на војната во Украина тој рок ќе се скрати, но дека тоа не зависи само од спремноста на Москва.

„Војната е реална закана. Дали, и кога, ќе избие војна зависи во извесна мера и од нас. Огромен ризик е напад на држава која е спремна за одбрана, а чие население е спремно да се бори. Агресијата секогаш ја храни слабоста“, кажа полскиот генерал.

Кукула е уверен дека сојузниците не би ја оставиле Полска сама да се брани ако ја нападне Русија или Белорусија.

„Да, сигурен сум. НАТО денес е сосема поинаква организација отколку пред 10 години. Сигурно е дека нема да се браниме сами“, кажа Кукула.

Според него, Полска секако би им помогнала на балтичките земји ако ги нападне Русија.

„НАТО така функционира. Безбедноста на Полска почнува во Естонија и останатите балтички земји. За кредибилитетот на НАТО е клучна борбата за секој сантиметар територија на алијансата. Исто така треба да се има на ум дека одбраната на балтичките земји не е можна без Полска бидејќи таа е единствената копнена врска на тие земји со остатокот од сојузот“, кажа Кукула.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ