вторник, 21 јануари 2025

Полската војска гради „Источен штит“, ќе се брани од Русија и Белорусија

Полска сериозно ја сфаќа заштитата на својата источна граница, подготвувајќи се за можни безбедносни предизвици од Русија или Белорусија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

До 2028 планира да вложи 2,5 милијарди евра во проектот наречен „Источен штит“, кој треба да обезбеди повеќеслојна одбрана на границата долга 800 километри.

Генералот Станислав Чиснек, шефот на проектот, истакна дека агресијата на Русија во Украина е клучниот поттик за оваа мерка.

„Нашата цел е да бидеме доволно силни да спречиме војна. Учејќи од искуството на Украина, одлучивме да ги преземе сите неопходни мерки за да бидеме спремни за секој можен агресивен чекор на Русија“, кажа полскиот генерал.

„Источниот штит“ ќе вклучува бројни линии на одбрана, вклучувајќи противтенковски ровови, бетонски пречки или „змејски заби“ и електронски системи за заштита како инфрацрвени камери и детектори на движење. На одделни делови на границата планирано е поставување противтенковски мини, кои ќе се активираат само во случај на непосредна опасност од инвазија.

„До април оваа година целата граница со Белорусија ќе биде заштитена и физички и електронски“, изјави бригадниот генерал Роберт Баган. Покрај тоа, долж границата со Белорусија и областа Калининград веќе е подигната метална ограда од 5,5 метри, со бодликава жица, за спречување на влез на нелегални мигранти.

Особено внимание е посветено на таканаречениот Сувалки коридор, стратегиски важно подрачје кое ги поврзува балтичките држави со остатокот од Европската Унија. Експертите сметаат дека Русија во случај на напад би ја прекинала оваа копнена врска.

Полска наводно се соочува со двоен предизвик – инструментализација на мигрантите и можна воена закана. Според полските власти, мигранти од Африка и Блискиот Исток организирано се носат на полската граница за да ја дестабилизираат Европската Унија.

Покрај физичките закани, Полска е под постојани сајбер напади. Минатата година се пријавени околу 100.000 обиди за напад, што довело до формирање специјална единица од 6.500 експерти за заштита на дигиталната инфраструктура.

Полска е клучна транзитна рута за воената помош за Украина, поради што дополнително ги јакне своите капацитети. Преку проектот „Источен штит“ Полска испраќа јасна порака – безбедноста и стабилноста не само на својата територија, туку и на цела ЕУ, остануваат приоритети во време на сè поголемите геополитички тензии, порачуваат полските власти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ