Полскиот претседател Анджеј Дуда побара од владата да обезбеди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да може да реши да присуствува на годишнината без страв од апсење по налог на Меѓународниот кривичен суд.
Меѓународниот кривичен суд издаде во ноември налози за апсење на Нетанјаху и на неговиот поранешен министер за одбрана, како и на лидерот на Хамас Ибрахим Ал-Масри поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во судирот во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.
Израел ги критикуваше налозите за Нетанјаху и за поранешниот шеф на одбраната Јоав Галант, наведувајќи дека дејствувал во самоодбрана во воздушните и во копнените операции во војната во Појасот Газа предизвикана упадот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година.
Блумберг во средата извести дека Дуда му напишал на премиерот Доналд Туск наведувајќи дека Полска треба да обезбеди Нетанјаху да може „непречено“ да присуствува на комеморацијата во Аушвиц на 27 јануари со оглед на исклучителната природа на настанот.
Малгожата Папроцка, шефица на кабинетот на Дуда, ѝ потврди во четвртокот на полската државна новинска агенција ПАП дека такво писмо е пратено.
„Според мислењето на претседателот, постои едно прашање – токму затоа дека тоа е логорот Аушвиц, секоја личност од Израел, секој претставник на власта на таа земја треба да има можност да учествува на овој исклучителен настан“, рече таа.
Полската влада во четвртокот усвои резолуција во врска со ова прашање, но таа не се однесува директно на Нетанјаху или на налогот за апсење на Меѓународниот кривичен суд.
Туск им кажа на новинарите дека, според информациите од израелската амбасада, Израел на церемонијата ќе го претставува неговиот министер за образование, според тоа барањето на Дуда би можело да се смета за „политичка демонстрација“.
Дуда е десничарски пупулист кој има затегнати односи со центристичката, проевропска влада на Туск откако таа ја презеде должноста во декември 2023 година.
Портпаролот на Нетанјаху одби да коментира. Нетанјаху, кој како и Дуда е од тврдата десница, не кажа дали ќе присуствува на комеморацијата во Аушвиц. Тој присуствуваше на претходните јубилејни настани во Аушвиц.
Повеќе од 1,1 милион луѓе, главно Евреи, страдаа во гасните комори или од глад, студ и болести во Аушвиц, кој нацистичка Германија го постави во окупирана Полска за време на Втората светска војна.
Нацистите убија повеќе од три милиони од 3,2 милиони полски Евреи, што е околу половина од Евреите што се убиени во Холокауст.