петок, 18 октомври 2024

Полска предупредува дека светот е во предвоена состојба и бара гаранции од САД

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека светот е во предвоена состојба но дека Русија нема да се осмели на отворен судир со земјите од НАТО сè додека западниот воен пакт е единствен, и дека сака да слушне од американскиот претседател Џо Бајден дека важи сојузничката солидарност за колективна одбрана и тоа без оглед на тоа кој ќе дојде на власт во САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Знаете и сами колку е остар политичкиот конфликт во Полска. Но за прашањата за безбедноста, односот кон Русија, Украина, евроатлантските врски во Полска владее консензус. Би сакал сојузниците, меѓу кои и Соединетите Американски Држави да можат да го кажат истото. Дека без оглед на тоа кој ќе победи на изборите постојат неколку недопирливи работи. Меѓу нив солидарноста која произлегува од членството во НАТО“, кажа Туск во интервју за полската приватна телевизија ТВН24.

Полскиот премиер денес заедно со претседателот на Полска Анджеј Дуда се сретна со американскиот претседател Џо Бајден кажа дека колку шокантни нешта и да изјавува поранешниот американски претседател Доналд Трамп, тие мора да се сфаќаат сериозно.

„Малку е веројатно дека Русија ќе се реши на отворен конфликт со НАТО. А кога тоа ќе стане поверојатно? Ако НАТО престане да функционира во пракса“, кажа Туск.

Полскиот премиер истакна дека се раѓа свест дека Европа мора да биде посамостојна.

„Периодот на геополитичко детство е зад нас. Треба да се смета на тоа дека без оглед на исходот на изборите во САД очекувањата на Америка од Европа ќе бидат поголеми. За навистина да се одврати Путин Европа мора да поверува дека за кратко време може да се смени од економска велесила во воена. Ако Европа биде воени исто толку силна колку што сега е економски и културно, никој нема да се осмели на какви било агресивни чекори“, кажа полскиот премиер.

Туск кажа дека Полска сака посилна и побројна армија, но дека нема никакви планови да испраќа свои војници во Украина.

За предлогот со кој во Вашингтон замина претседателот Дуда во иднина членките на НАТО задолжително да издвојуваат три отсто од БДП за одбраната, кој бил одбиен во Белата куќа, Туск кажа дека не очекува ентузијазам за такви издвојувања.

„Но претседателот има свои аргументи и тој предлог може да служи како студен туш за сојузниците да ги издвојат барем оние два отсто. Кога сите би ја исполниле таа обврска би имале веројатно повеќе пари од што е потребно за да го купиме сето оружје во светот“, кажа Туск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ