„Изворите на големината, слободата, суверенитетот на Европа вредат највисока цена. Ќе направиме сè за да не ја плаќаме највисоката цена, цената на крвта. Но, јас од Варшава сакам да прашам: Дали вие, Европејците, сте подготвени повторно да започнете по патот на европската сила, слобода и суверенитет“, изјави Туск отворајќи ја церемонијата.
Полскиот премиер рече дека во европските метрополи често го слуша прашањето дали ЕУ ќе може да се справи со сите предизвици кои претстојат.
„Ако Европа е слаба, нема да опстане. Ако Европа повторно ги најде своите извори на сила, повторно ќе биде она што била низ историјата – горда. И денес има сили кои сакаат да ги доведат во прашање тие извори на сила“, рече Туск.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта го пофали мотото на полското претседателство „Безбедност, Европа“ и рече дека полските шест месеци на чело на ЕУ ќе покажат дека патриотизмот и европската интеграција се поврзани и дека нема подобар момент за полското претседавање, бидејќи виталноста на нејзината демократија и отпорот кон популистичките и авторитарните трендови се инспирација за цела Европа.
„Нашата ЕУ се роди како мировен проект по Втората светска војна. Мора да ја зајакнеме нашата безбедност за да го зајакнеме мирот во Европа. Украина мора да остане наш приоритет. Мораме да бидеме со неа онолку колку што ѝ треба и онолку долго колку што и треба за да постигне праведен мир“, рече Кошта.
Церемонијата е игнорирана од претседателот на Полска Анджеј Дуда, кој во своите два мандати ги бранеше евроскептичните, понекогаш антиевропски, а пред се антигерманската позиција на претходната владејачка партија Право и Правда, од чии редови беше избран на функцијата пред повеќе од девет години.
Од кабинетот на претседателот го оправдуваат отсуството на Дуда со тоа што владата наводно му испратила покана, но дека потоа не контактирале со него. Кабинетот на премиерот Туск соопшти дека сè е направено строго според прописите.
Отсуствува и Унгарија, бидејќи не беше поканет премиерот Виктор Орбан, чија земја ѝ го предава шестмесечното претседателство на Полска, а на унгарскиот амбасадор кој ја добил поканата во последен момент му било кажано дека не е добредојден поради актуелниот спор меѓу Будимпешта и Варшава.
Станува збор за спорот за поранешниот заменик министер за правда, Марќин Романовски, обвинет за корупција и злоупотреба на службената положба за финансирање на кампањата Права и Правда додека таа беше на власт од средствата на Фондот за жртви на криминал за кој Полска распиша европска потерница, а кога избега, Унгарија во декември му даде азил бидејќи, како што рече Орбан, владеењето на правото во Полска е под знак прашалник.
Официјалните лица на празничниот концерт беа пречекани со помали демонстрации на полски фармери кои очекуваа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да се појави во Варшава за да ѝ ги дадат своите пет „не“, пред сè „не“ за Зелениот договор за климатски цели, „не“ за трговскиот договор со Латинска Америка и „не“ за увоз на украински жито и земјоделски производи.