„Сите производи мора да минат низ Полска, но не смеат да им наштетат на полските земјоделци, на полските произведувачи“, кажа тој. Полските земјоделци веќе некое време протестираат против големиот прилив на украински житарки кои поради ниските цени претставуваат закана за домашниот пазар“, пишува Киев индипендент.
Украина е еден од најголемите извозници на житарки во светот, но руската инвазија го попречува нејзиниот извоз преку пристаништата на Црно Море. Минатото лето беше постигнат договор со посредување на ОН и Турција за коридор за да се обезбеди снабдување на сиромашните земји на Блискиот Исток и Африка.
Дел од украинските пратки се пренасочени во меѓувреме низ Полска и Романија, а некои таму и го завршуваат патувањето. Бидејќи поради укинувањето на царините и увозните квоти на Европската Унија се поевтини од домашните производи, тие ја притиснаа цената и нивната продажба.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 5 април ја посети Полска и со локалните функционери разговараше за проблемот со увозот на житарки.
„Меѓу толку блиски партнери и пријатели како Украина и Полска не смее да има проблематични прашања“, кажа украинскиот претседател и се заложи за царини за сите земјоделски производи од Украина. Полската влада ја повика Европската комисија повторно да воведе царини на украинските житарки, но Комисијата го продолжи бесцаринскиот режим со Украина за уште една година.