недела, 20 октомври 2024

Полјаците сакаат да го преименуваат Калининград, Москва вели – непријателски чин

Објавено на

часот

Сподели

Полскиот комитет за стандардизација на географски имиња надвор од Република Полска вчера препорача Калининград отсега во Полска да се нарекува Кролевиец, а целиот регион Обод Кролевиецки, повикувајќи се на, како што велат, „традиционалните“ наместо „наметнатите имиња“.

Според нив, името Калининград не е поврзано ниту со градот, ниту со регионот, а има „емоционален и негативен одек“ во Полска, пишува Би-би-си.

Порано познат како Кролевиец од страна на Полјаците и Кенигсберг од страна на Германците, градот бил преименуван во Калининград од Советите по Михаил Калинин, еден од водачите на болшевичката револуција.

Михаил Калинин бил член на советското Политбиро и еден од шесте потписници на наредбата за егзекуција на 22.000 полски воени затвореници во 1940 година, наведува Би-би-си.

Руската инвазија на Украина и нејзините пропагандни напори ја поттикнаа Полска да ги преиспита контроверзните „наметнати имиња“, додаде комитетот.

„Секоја земја има право на својот јазик да користи традиционални имиња што го сочинуваат нејзиното културно наследство, но не може да биде принудена да користи имиња што се неприфатливи за неа“, соопшти комитетот.

Денес Русија за одлуката рече дека „се граничи со лудост“ и е „непријателски чин“.

Градот Калининград и поширокиот регион биле ставени под советска управа на крајот на Втората светска војна.

По распадот на Советскиот Сојуз, Калининград стана дел од територијата на Русија.

Калининград е стратешки важен за Москва, бидејќи е домаќин на руската балтичка флота во пристаништето Балтијск.

Иако препораката на државниот комитет не е обврзувачка, се очекува полските државни власти сега Калининград да го нарекуваат Кролевиец.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ