четврток, 20 март 2025

Политико за големиот протест во Србија. „Чувството е дека Брисел е непријател“

Најсеопфатното протестно движење во современата српска историја ескалира во саботата кога стотици илјади луѓе од целата земја го преплавија Белград барајќи од владата да преземе сериозни чекори против корупцијата. Колку е голем проблемот на српскиот претседател Александар Вучиќ поради ова, прашува бриселски Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Протестите почнаа пред четири месеци откако се урна стреата на главната железничка станица во Нови Сад, при што загинаа петнаесет луѓе. Оваа бројка сега е длабоко симболично поврзана со протестите на кои се одржува 15-минутно молчење, а најголемите собири се организираат на 15-ти секој месец, го започнува својот опширен напис за Србија Политико.

Владата предводена од Српската напредна партија одговори на протестите обидувајќи се да ги минимизира или да направи мали отстапки за незадоволните. Тоа воопшто не функционираше, па дури и многу некогашни лојални поддржувачи на власта им се придружија на демонстрантите.

Историја на протести

Србија е предводена од некои од најконтроверзните и најдеструктивни лидери во балканската историја, оценува Политико, наведувајќи го примерот на Слободан Милошевиќ, претседателот од 1990-тите кој го паметат постарите генерации. Оние кои го паметат крвавиот распад на Југославија, го памтат Милошевиќ како „балканскиот џелат“.

Милошевиќ беше симнат од власт со серија протести запаметени како Револуцијата од 6-ти октомври.

Во Србија, протестите на прозападните жители или оние кои едноставно сакаат да го соборат раководството кое се чувствува премногу удобно во своите фотелји се релативно чести. Последното такво движење избувна пред само една година поради обвинувањата за изборна измама.

Зошто овој е различна?

Уривањето на стреата во Нови Сад ги шокираше Србите бидејќи жртви беа патници кои само чекаа воз или автобус на главната градска станица за време на шпицот.

Трагедијата беше дополнета од стратегиската локација на Нови Сад во близина на регионалните престолнини како Будимпешта, Загреб и Виена, што го прави центар за патници од целиот регион. Секој можеше да биде таму тој ден, пишува Политико, тврдејќи дека тоа е она што минатата сабота натера толку многу луѓе да дојдат во Белград.

Српското министерство за внатрешни работи тврди дека на митингот присуствувале 107 илјади луѓе, додека други извори сметаат дека бројката е поблиску до 300 илјади, а некои дури и до 800 илјади. Политико пишува дека е тешко да се одреди точната бројка бидејќи луѓето ги наполниле главните белградски булевари, споредните улици и просторот меѓу институциите и станбените згради, поради што стандардниот метод „глава на квадратен километар“ не е доволно добар.

Но, сите присутни на протестот говорат за преполн, неколкучасовен собир во кој поради гужвата беше речиси невозможно да се движи.

Звучен топ

Во саботата околу 19 часот, за време на 15-минутниот молк за жртвите, силна бучава ја растера толпата на улицата Краљ Милан. Многу демонстранти, меѓу кои и деца, се распрснаа или паднаа на подот, а на интернет се појавија тврдења за здравствени проблеми кои ги погодиле присутните на протестот во следните часови и денови.

Локалните медиуми веруваат дека властите користеле звучен топ, контроверзно и забрането оружје што се користи за растерување на протестити.

Емитува звуци на нечујни фреквенции кои предизвикуваат болка, дезориентација и долгорочно губење на слухот.

Вучиќ и српските власти веднаш ја отфрлија употребата на такво оружје, но народот на Србија бара одговори и иницираше петиција за отворање истрага на Обединетите нации, која брзо собра повеќе од 500.000 потписи.

Корупција

Поголемиот дел од посткомунистичка Европа наследи згради, станици, стадиони, концертни сали и станбени блокови, изградени во дваесеттиот век. По падот на комунизмот, голем број од овие објекти или не биле соодветно одржувани или едноставно пропаднале, пишува Политико.

Железничката станица во Нови Сад била изградена во 1964 година и имала голема потреба од реновирање. Реновирањето почна во 2021 година и беше обновена како дел од кинеската инвестициска иницијатива Појас и пат и модернизација на линијата Белград – Нови Сад – Будимпешта.

Кина има визија за непрекината железница од Атина преку Скопје до Будимпешта, која на крајот ќе ги поврзе сите овие престолнини со пристаништето Пиреј во кинеска сопственост на периферијата на грчката престолнина. Вучиќ се пофали дека инвестициите на Појас и пат значително го забрзале патувањето и со железницата и со автопатиштата што ги поврзуваа југот и северот на земјата, а за тоа лично тој е одговорен, пишува Политико. Со оглед на длабоко вкоренетиот скептицизам на балканските народи кон нивните влади, многумина веруваат дека корупцијата, лошите договори и недостигот од професионален надзор во модернизацијата на станицата во главниот град на Војводина одиграле улога во уривањето.

Зошто студентите ја бојкотираат наставата?

Првите протести ги организираа жителите на Нови Сад од сите генерации, собрани во центарот на градот за да им оддадат почит на жртвите. Провладините аналитичари и медиуми веднаш одговорија со критики, кои само ги популаризираа протестите.

Факултетот за драмски уметности во Белград (ФДУ) се приклучи, а студентите и вработените се собраа во близина на нивната зграда на 22-ри ноември, каде што беа нападнати од организирана група поврзана со властите. ФДУ одговори со блокада на својата работа, а повеќето факултети низ Србија постепено се приклучија. Способноста на студентите да протестираат речиси секојдневно, за разлика од другите граѓани кои се подеднакво лути на властите, но имаат работни и семејни обврски, помогна да се одржи движењето, пишува Политико.

Оние кои не можат да го поминат секој ден на „првите линии“ им помагаат на демонстрантите на други начини, им готват оброци, им носат ќебиња и залихи и ги возат на протестите.

Студентите, помлади и во подобра форма од другите генерации, се способни да маршираат во илјадници од град до град, поминувајќи десетици километри и стигнувајќи до најоддалечените региони на земјата за да ја рашират веста за нивното движење.  Ова беше клучен фактор за ширење на протестите бидејќи им овозможи да ги заобиколат приказните од провладините медиуми и таблоидите.

Дали ова може да го урне Вучиќ?

Ваквиот исход е сè уште „на долг стап“, смета Политико.

Вучиќ досега се обиде да го намали притисокот врз неговото раководство со отпуштање на тројца министри, градоначалникот на Нови Сад, па дури и премиерот Милош Вучевиќ. Тоа не му помогна.

Демонстрантите не се импресионирани од притисокот на Вучиќ врз неговите соработници да ги напуштат функциите. Ова само покажува дека претседателот го смета својот политички круг за потрошна роба и дека единствено важно е тој да остане на врвот.

Властите објавија тешко редактирани документи за реконструкција на железничката станица во Нови Сад, што е формално исполнување на едно од барањата на демонстрантите, но тоа не ги убеди дека слични пропусти нема да се повторат. Студентите посочуваат и дека Вучевиќ иако поднесе неотповиклива оставка, сепак сè уште е на премиерската позиција.

Зошто Вучиќ зборува за обоена револуција?

Политико оценува дека Виктор Орбан, Владимир Путин, Роберт Фицо и други лидери склони кон недемократски методи ја имаат истата приказна – невозможно е жителите сами да се мобилизираат и да протестираат против нивните влади. Зад нив мора да стојат  странски актери кои ги поттикуваат и финансираат.

Фразата „обоена револуција“ беше популаризирана од рускиот претседател по протестите во Киев во 2004 година, чија цџел беше да спречат проруски кандидат да дојде на власт.

Украинските демонстранти тогаш ја избраа портокаловата боја за свој симбол. Оттогаш, автократите го плашат народот дека зад протестите стојат страшила како милијардерот Џорџ Сорос или бриселските институции.

Самиот Вучиќ на Инстаграм изјави дека „нема да дозволи копија на Мајдан во Србија“, мислејќи на прозападните протести во Киев во 2013 година, по кои следеше руското анектирање на Крим.

Претседателот на Србија постојано повторува, па и во неодамнешниот разговор со синот на американскиот претседател Доналд Трамп во Белград, дека протестите против него ги финансираат меѓународни организации, па дури и странски влади. Ниту тој пристап не му помогна, бидејќи протестите само растат, заклучува Политико.

Што мисли ЕУ?

Во понеделникот на брифинг за медиумите, Европската комисија најави планирана средба меѓу Вучиќ и претседателката на институцијата, Урсула фон дер Лајен, а протестите секако ќе бидат тема на разговорот.

Демонстрантите не чекаат поддршка од ЕУ. Комесарката за проширување Марта Кос во својот говор за ситуацијата во Србија најмногу се фокусираше на критиките за насилството врз демонстрантите.

Знамињата на ЕУ речиси исчезнаа од улиците на Србија. За разлика од Унгарија, Грузија и Словачка, народот на Србија го смета Вучиќ за човек на Брисел во Белград кој во белгиската престолнина ќе ги фали европските вредности и ќе прави сè што е потребно сè додека европските лидери не го критикуваат.

Поддршката на ЕУ за контроверзниот проект за ископување литиум во Србија, кој беше крајно непопуларен предлог, го засили чувството дека Брисел е непријател и дека на знамињата на ЕУ не им е местото на протестите.

Новак Ѓоковиќ

Демонстрантите ги поддржа и најпознатиот српски спортист, покрај НБА суперѕвездата Никола Јокиќ, тениската легенда Новак Ѓоковиќ.

Во објава за време на викендот, тенисерот сподели фотографија од воздух од протестот во Белград со натпис: „Историја! Величествено!“ На кошаркарското првенство во јануари тој носеше маица со натпис „Студентите се шампиони“.

Неговата поддршка значи многу за Србите кои се угледуваат на можеби најпознатиот сонародник во светот, особено ако се земе предвид дека тој генерално избегнува политички изјави и повремено се фотографираше со Вучиќ.

Потегот на Ѓоковиќ покажува дека поддршката на Вучиќ паѓа дури и кај најверните поддржувачи на претседателот. Вучиќ неодамна ја критикуваше јавната телевизија РТС, која инаку се смета за негов портпарол, заклучува Политико.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ