среда, 11 декември 2024

Политико: Трамп тукушто ѝ направи услуга на Европа

Европа конечно би можела да се освести во однос на својата одбрана, сега кога фаворитот на републиканците го кани Путин да нападне некои американски сојузници во НАТО.

Објавено на

часот

Сподели

Можеби не е стратегиски мудро, но барем е независност.

Со еден потег за време на викендот, Доналд Трамп ја ослободи Европа од оковите на американскиот безбедносен балон. „Не би ве заштитил, всушност би ги охрабрил да прават што сакаат“, му рече Трамп на еден европски лидер за тоа како би реагирал кога нивната земја би била нападната од Русија. „Мора да платите!“, додаде тој.

Не е важно што Трамп зборуваше за тоа што би направил кога другите земји од НАТО не би ја исполниле целта на Алијансата за потрошувачка од 2 отсто од економското производство. Со фрлање сомнеж на посветеноста на Америка кон НАТО на таков директен и темелен начин, тој ефективно заби колец во срцето на алијансата, пишува колумнистот на Политико Метју Карнишниг.

Во оваа фаза речиси не е важно ни дали тој ќе биде реизбран; Европа е оставена сама. Единственото вистинско прашање за европската безбедност што ќе го решат изборите е тајмингот на пропаѓањето на НАТО.

Се разбира, администрацијата на Бајден би го негирала ова, тврдејќи дека ако повторно победи актуелниот претседател, НАТО ќе биде безбедно како и секогаш.

Но колку долго?

Голем дел од досегашните дискусии за коментарите на Трамп се фокусираше на консензусот меѓу повеќето разумни луѓе дека тоа би било против американските интереси. Но за Европа во оваа фаза тоа е речиси неважно. Европа би била луда кога својата безбедност на секои четири години би ја препуштала на каприците на околу 50.000 американски гласачи од непредвидливите држави (приближна маргина на победа на поновите претседателски избори).

Реалноста е дека кој и да победи во ноември, Трамповото движење МАГА ќе остане фактор во американската политика уште некое време. Кој може да каже дали републиканскиот наследник на Трамп нема да ја продолжи анти-НАТО реториката? Ова е ризик што Европа не смее да си дозволи да го игнорира.

Поентата е дека стана ризично да се потпираме на Америка.

Со оглед на тоа што е на коцка – ризикот од рускиот јарем – Европа нема друг избор освен да започне со подготовка на план Б.

Сепак, засега европските лидери сѐ уште се во фаза на гнев, односно заблуда.

„Секоја сугестија дека сојузниците не би се бранеле меѓусебно ја поткопува целата наша безбедност, вклучително и безбедноста на САД, и ги става американските и европските војници во зголемен ризик“, рече викендов генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, меѓу мноштвото слични изјави со кои беше критикуван поранешниот претседател.

Добро, и што сега?

Вистината е дека Европа си е самата крива за калта во која е заглавена. Трамп со години вергла за проблемите на НАТО, но тешко дека тој го измисли тој жанр. Американските претседатели уште од Двајт Ајзенхауер се жалеа дека европските сојузници ја цицаат американската одбрана.

Она што Европејците не сакаат да го слушнат е дека Трамп е во право: ја цицаат. Освен тоа, отсекогаш беше нереално да се очекува дека САД вечно ќе ја плаќаат сметката за европската безбедност.

Сепак, откако Трамп загуби од Бајден во 2020 година, се чинеше дека сè се врати во нормала. Бајден, вечен приврзаник на трансатлантската соработка, се обиде да ја поправи штетата што Трамп му ја направи на НАТО дозволувајќи им на Европејците да се вратат во својата зона на комфор.

Иако вкупните трошоци за одбрана во Европа последниве години се зголемија – како што и треба, со оглед на војната на Русија против Украина – тоа сè уште ни оддалеку не е доволно. Само 11 од 31 членка на НАТО се очекува да го исполниле планираното трошење во 2023 година, на пример, според сопствените податоци на НАТО. Германија, главниот објект на гневот на Трамп, допрва треба да ја достигне границата од 2 отсто. Сепак, тие веројатно ќе го направат оваа година, макар и само затоа што германската економија се намалува.

Вистината е дека топлата прегратка на Бајден повторно ја врати Европа во лажно чувство на безбедност. Наместо да ја принуди индустријата да го засили производството на оружје и повторно да воведе регрутација во земјите како Германија, каде што беше укината, Европа се вгнезди во скутот на Америка.

Не е изненадувачко тоа што континентот, со своите држави со великодушна социјална заштита и пацифистичко население, тргна по патот на најмал отпор (со забележителни исклучоци на Балтикот и Полска).

Од почетокот на руската инвазија на Украина во почетокот на 2022 година, фокусот на германската национална дебата се префрли од војната на топлинските пумпи и масовната миграција. И покрај тоа што земјата ја зголеми поддршката за Украина, во умот на јавноста беа други работи. Во текот на изминатата година, Русија падна од првото на седмото место во перцепцијата на Германците за заканите кон земјата, според студија објавена оваа недела.

Трамповата молња треба да ѝ помогне на Европа да го преориентира својот стратегиски компас.

Францускиот претседател Емануел Макрон помпезно зборува за стремежот кон европска „стратегиска автономија“, но неговата земја всушност не направи ништо за да го оствари тоа.

Прво треба да се реши нуклеарното прашање. Благодарение на Франција и Обединетото Кралство, Европа би имала на располагање околу 500 нуклеарни бомби, што е прилично скромно во споредба со речиси 6.000-те боеви глави на Русија. Сепак, ниту една од двете земји не се обврза да ги користи за заштита на остатокот од континентот.

Решавањето на ваквите проблеми одзема време и е комплицирано. Европа не треба само да ги обнови своите армии, туку треба да го репрограмира својот колективен начин на размислување. Како што се приближува втората годишнина од неуспешниот марш на Владимир Путин кон Киев, војната и нејзините импликации за европската безбедност остануваат премногу апстрактни за многу Европејци, особено за оние во Западна Европа.

Дури и ако Европа ја сфати реалноста со која се соочува, можеби веќе е предоцна. На хартија, Европа, со колективни воени трошоци приближно три пати поголеми од оние на Русија и со економија многу пати поголема од нејзината, таа треба да може да се грижи за себе. Проблемот е што на Европа ѝ истекува времето.

Заменувањето на американските капацитети што НАТО би ги загубило без САД би траело со децении и би чинело безброј милијарди. А повеќето европски лидери сѐ уште ја немаат ни прифатено студената реалност дека американската заштита практично веќе ја нема.

Замислете, хипотетички, дека Трамп ќе биде инаугуриран во почетокот на 2025 година и дека таа пролет Путин ќе одлучи да ја тестира решителноста на НАТО со марширање во Естонија. Дали Трамп ќе ризикува нуклеарен конфликт со Путин за малата Естонија? Одговорот веќе го знаеме.

Пофундаменталното прашање е дали Европејците имаат сила да се обединат и да се бранат без Вашингтон да ги предводи. Историјата вели дека тие само ќе си се вратат на старо и ќе западнат во хаос. Сетете се како Европа се справи со распадот на Југославија во 1990-тите.

„Европа не може да остане обединета без Соединетите Држави“, рече Бајден во говорот во Сенатот во 1995 година за време на босанската криза. „Во Европа не постои морален центар.“

Европа сега има шанса да докаже дека тој не бил во право.

Ако успее, за тоа ќе може да му се заблагодари само на еден човек.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ