Документот, кој го подготвиле еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус и главната дипломатка на ЕУ Каја Калас, би требало да им биде преставен на лидерите на ЕУ следната недела. Нацртот може уште да се менува пред објавувањето.
Клучните елементи на новата политика на ЕУ вклучуваат давање предност на производството на оружје во блокот и на „компании од трети земји со слични ставови“, поттикнување заедничка набавка на оружје, олеснување на финансирањето на одбранбените проекти, фокусирање на клучните подрачја каде блокот има недостиг од капацитети како противвоздушната одбрана и воената мобилност и намалување на бирократијата околу одбранбените вложувања.
Руските акции се движечката сила за новата политика, наведува Политико.
„Русија претставува егзистенцијална закана за Унијата и имајќи го предвид нејзиното минато на инвазија на соседите и актуелните експанзионистички политики, потребата за одвраќање од руска оружена агресија ќе остане удри и по праведниот и траен мировен договор со Украина“, се наведува во нацртот.
Непосредниот приоритет е да се обезбеди Украина да може да продолжува да ги одбива руските напади. „Без значајни дополнителни воени ресурси, особено сега кога САД ја суспендираа својата поддршка, Украина не би можела да преговара за праведен и траен мир од добра позиција“, се наведува во документот.
Промената на американската политика кон Украина, Европа и НАТО се забележува низ целиот документ од 20 страници, во кој се наведува дека „Европа не може да ја зема американската безбедносна гаранција здраво за готово и мора значително да го зголеми својот придонес кон зачувувањето на НАТО“.
Меѓутоа, се истакнува дека „НАТО останува камен темелникот на колективната одбрана во Европа“.
Во документот се напоменува дека Европа станала зависна од американските воени капацитети, што создава опасност сега кога САД „го преиспитуваат својот пристап и може да се одлучат за ограничено користење или дури да ја прекинат достапноста на тие средства“.
Обновата на воено-индустрискиот комплекс на ЕУ значи дека блокот „треба да размисли за воведување европски преференции за јавна набавка за стратегиските сектори и технологиите врзани за одбраната“.
Се истакнува и потребата за „соработничка набавка“ како начин на решавање на фрагментираниот одбранбен пазар на блокот и давања финансиска помош на земјите за склучување поволни зделки. Европската комисија „исто така би можела да дејствува како централно тело за набавка во нивно име“.
Документот подвлекува седум клучни области за приоритетни вложувања: противвоздушната и противракетната одбрана; муницијата и проектилите; дроновите и системите против дронови; воената мобилност; вештачката интелигенција, квантните технологии, сајбер и електронското војување; и стратегиските и борбени капацитети и заштитата на критичната инфраструктура.
Документот уверува и дека државите членки ќе ја задржат контролата над своите сили – што е традиционално болна точка за земјите загрижени поради мешањето на Брисел во областите на националниот суверенитет.
„Државите членки се одговорни за своите оружени сили – од развојот на доктрината до распоредувањето“, се наведува во документот. „Радикално променетиот стратегиски контекст во комбинација со акутниот недостиг од способност на државите членки, меѓутоа, бара многу поголема соработка меѓу државите членки за да ја обноват својата одбрана“.
Како што дознава Политико, почетните чекори вклучуваат добивање согласност од државите членки за следното: одобрување на предложеното ублажување на фискалните правила на блокот што ќе олесни зголемување на военото трошење, согласност за соработка во 35 отсто од военото трошење, одобрување на Европската програма за одбранбената индустрија од 1,5 милијарди евра, и договор за критичните области на способноста со НАТО.
Во документот се изнесени и низа клучни мерки за помош на Украина, вклучувајќи обезбедување 1,5 милиони артилериски гранати, системи за противвоздушна одбрана, продолжување на обуката на украинските трупи, нарачки од украинската одбранбена индустрија, поцврсто поврзување на Украина со програмите за воено финансирање на ЕУ и проширување на коридорите на воената мобилност на блокот за да ја опфатат Украина.