Согласно овие синхронизирани активности, утрово од мрежа беше исклучен Блок 3, а во тек се операции за вклучување на Блок 2. Се очекува попладнево постројката да биде синхронизирана со македонската електроенергетска мрежа.
Според годишниот план за производство на АД ЕСМ, предвидено е во овој период, РЕК Битола да работи со еден блок, додека се во тек процесите за консолидација на комбинатот и нормализација на состојбите во рудникот Суводол, за кои ја информиравме јавноста во текот на минатата недела.
СДСМ веднаш ја обвини актуелната власт за неспособност во раководењето со РЕК Битола.
„Нашиот најголем капацитет за производство на струја, РЕК Битола не работи. Сите три блока од ноќеска на полноќ се надвор од функција. Божиновска и владата на Мицкоски и ДПМНЕ се неспособни да менаџираат со енергетскит систем во земјата. Наместо да го зголеми производството на струја од домашни капацитети Мицкоски и ДПМНЕ го намалија. Владата во моментов прави огромен увоз на скапа струја заради нефункционирањето на РЕК Битола, што предизвикува огромни трошоци за државата и граѓаните. Трошоците за купување струја од берзата се огромни и тоа е врз грбот на граѓаните и државата, додека во исто време влијае сметките кои граѓаните ги плаќаат за електрична енергија постојано да бидат високи“, се вели во соопштението на СДСМ.
На ова веднаш реагираа од Елекстрани на Северна Македонија: „СДСМ најмалку што е потребно во моментов е да ја коментира енергетската состојба во земјава. Дереџето во кое се наоѓа севкупниот енергетски систем денеска, вклучувајќи ги актуелните состојби во РЕК Битола е резултат токму на работењето на нивните менаџерски кадри поставени од претходните влади на СДСМ. Тие немале умешност, ниту одговорност за одржување на производните капацитети. Наспроти тоа, покажале целосна негрижа за електроенергетскиот систем, за што зборува и неодговорното однесување кон државните производни капацитети и природните ресурси како јагленот и количините на вода во хидроакумулациите. Кога СДСМ зборува дека РЕК Битола не работел да го потсетиме дека токму до пред неколку недели нивни кадри управуваа со најголемиот енергетски комбинат. Тие имале обврска да се однесуваат професионално до последниот ден кога биле на одговорни позиции и да ги подготват капацитетите за претстојната грејна сезона. Долга е листата што сè затекнаа новите раководства на АД ЕСМ и РЕК Битола.
Уништени и нестручно експлоатирани рудници, оставени без откривки на јаглен од кои може да се обезбеди континуиран и безбеден ископ за потребите на термоблоковите за стабилно производство на РЕК Битола.
Нелогично долги застои на клучните машини за ископ на јаловина и јаглен.
Лошо изведени, незапочнати или ненавремено завршени ремонти на термоблоковите
За само две години од 2022 до првата половина на 2024 година „успеале“ двојно да ја зголемат производната цена на електричната енергија од РЕК Битола, сега на неверојатни 33 евра за мегават-час.
Неодговорно управување со опремата на АД ЕСМ.
Несоодветни вработувања и прераспределување на стручни лица на неадекватни позиции.
Потрошени милиони евра за набавка на јаглен со лош квалитет, несоодветен за употреба во термоелектраните и со специфики кои се во спротивност со пропишаните за работа на термоцентралите, поради кој е направена огромна штета врз еден од термоблоковите, како и загадување на животната средина.
Прескапи договори за набавка на јаглен.
За седум години на власт НЕ е изграден ниту еден државен капацитет за производство на електрична енергија.
АД ЕСМ оставена со огромна финансиска дупка.
Токму купувањето на електрична енергија на слободниот пазар е последица исклучиво на нивното нестручно и дилетантско однесување за лошата состојба во рудниците, термоблоковите и празните хидроакумулации во АД ЕСМ. Затоа очекуваме да следи одговорност за нивните постапки“, соопшти ЕСМ.