петок, 17 мај 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Политички хохштаплерај

Кампањата помеѓу двата круга претседателски избори и кампањата воочи парламентарните избори си тече. Некој добива, а некој губи. Некој гази достоинствено, а некој си гази по достоинството. Што да се прави... кандидатите и партиите не се деца, претпоставувам дека знаат што прават и дека однесувањето треба да им е во интерес на посакуваниот финален резултат од изборите. Но...

Изборите во 2024 година ќе бидат запаметени по сериозната диференцијација на албанскиот политички кампус. За прв пат повеќе албански политички партии се спротивставија на долгогодишното владеење на ДУИ во солидно здружена опозиција, која охрабрена од резултатите од првиот круг на претседателските избори, еден вистински лакмус тест за нив, си го бараат патот во новата Влада во која што овој пат нема да има место за ДУИ. И како што стојат работите, не се далеку од тоа да го најдат тој пат.

Како искусна политичка партија која е цели две децении на власт, ДУИ би требало да биде свесна дека порано или подоцна овој ден мора некогаш да дојде. Белки не очекуваа да владеат засекогаш, доживотно, без притоа да постигнат никакви резултати од бенефит за животот на граѓаните на Македонија, со целосно националистичка агенда, но со полна уста демократија, Европска Унија, НАТО и да не се лажеме, со УЧК! И тоа гласно и во хор среде плоштадот Македонија, место каде што беше прогласена независноста на Македонија и кое што сите го поврзуваме со славењето на големите светски успеси на нашите спортски херои. Веројатно Али Ахмети, кога во своето националистичко вознесување гласно скандираше УЧК, УЧК,  бил убеден дека скандира „темелна европска вредност“, инаку прецизно профилирана во јануари 2001 година од страна на тогашниот Генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон.

Својата недоследност, политичката непредвидливост и отсуството на интегритет ДУИ го покажа во првиот момент кога тоа политички му одговараше. За да може да направи коалиција со партијата СДС, која не беше победник во македонскиот политички блок во таа 2017 година, Ахмети ладнокрвно ги прекрши принципите од Мајскиот договор. Да потсетам, тнр. Мајски договор предвидуваше „победникот“ во македонскиот, заедно со „победникот“ во албанскиот политички кампус, без оглед на разликите во нивните програмски ориентации и некомпатибилност, механички да формираат Влада, небаре се работи за средба на двајца победници во полуфиналето. Финализиран на 29 мај 2007 година, Мајскиот договор имаше за цел ДУИ да се врати во Собранието, а со тоа да се овозможи и враќање на политичкиот дијалог во законодавниот дом. Патем, во разговорите тогаш учествувале и претставници на ЕУ и САД, кои согласно дипломатски извори не биле согласни со еден ваков договор, кој што очигледно не бил во склад со основните демократски начела. По тој договор, во 2008 година ДУИ навистина се врати во Собранието, но и во Владата на Македонија каде што без прекин партиципира цели 16 години.

Она што е навистина разочарувачки за една партија од некогаш голем калибар е дека без и малку срам и достоинство, лидерот на ДУИ побарал враќање на принципот „победник со победник“ што самиот го прекршил и направил ништовен. Тој дури и јавно му се заканил на лидерот на ВМРО Христијан Мицковски дека нема да одлучува со кого ќе прави Влада, туку тоа ќе одлучело мнозинството гласови на граѓаните кои кај албанскиот политички блок за свој победник го одбрале ДУИ и коалицијата која тие ја предводат.

Настрана превртливоста и политичкото лижење таму каде што било плукнато, што полека станува заштитен знак на оваа „зелена“ партија, зачудува ниското паѓање на лидерот на ДУИ, кој во својата немоќ практично му се заканува на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ (веќе е извесно победничка партија на изборите), дека не смеел да состави Влада без ДУИ. Не е најјасно со што Ахмети се заканува? Со бојкот на изборите за да не се достигне цензусот, со странска помош од некаде, со дестабилизација на државата или со нешто четврто?

Се чини дека прв пат, на некогаш смирениот и расположен Ахмети му попуштиле нервите. Како да му станува јасно дека тие двајца што го тапкаа по рамо велејќи му дека е најдобар не му ја кажуваа вистината и дека ниту една партија од опозицијата не сака да биде во иста Влада со ДУИ. Како палаво дете напуштено од своите другарчиња, последно средство што му останува при рака се заканите, но види чудо, опозицијата како да не дава ни пет пари за тоа. Царот е соголен.

Дојде време ДУИ, како и СДС, да ја плати цената за измамите на граѓаните на Македонија со промената на името на државата, прифаќањето на францускиот предлог и склучувањето билатерален договор „за пријателство“ со Бугарија што многу ја влоши меѓународната позиција на Македонија и ги загрози преговорите за членство во ЕУ. Тие тоа го сторија на дрзок и примитивен начин (некогашниот ЕУ комесар за проширување Јоханес Хан би рекол на „балкански начин“, навреда која тие во старт ја проголтаа без да трепнат) кога и покрај очигледниот отпор на граѓаните, со крајно потценување на граѓаните и невидена ароганција решиле да ги потчинат нашите национални интереси на нечии туѓи. Кога се знае дека ова според македонските закони е кривично дело, станува појасна грчевитата борба за опстанок на власт и задржување на имунитетот од законските параграфи што таа го носи со себе.

За другите причини за извесното паѓање од власт на 8 мај, како што се промашените преговори, корупцијата и партизацијата на институциите во кои граѓаните целосно имаат изгубено доверба, во друга прилика. Дипломатската торба сепак не е толку длабока за да собере толкав товар одеднаш.

(* Хохштаплер – некој што претендира да биде нешто што не е. Измамник, најчесто со лажен идентитет).

Амбасадор Зоран Дабиќ

Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ

КОЛУМНИ

Сефер Тахири

Тивок бојкот наспроти тивка поддршка: улогата на Албанците во изборот на...

Наташа Јовановиќ Мартинс

Зурли и тапани за Македонија

Зоран Дабиќ

Политичка мизогинија

Рајко Пеколски

Патриотизмот и егоизмот

Јовица Тасевски-Етернијан

За употребата на термините „Македонија“ и „македонски“

Мартин Анастасовски

Уценета Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ