петок, 26 јули 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Политичка мизогинија

Изборите завршија, еуфоријата полека се намалува, време е за фаќање за работа. За среќа, „бугарскиот воз“ за кој што зборувавме во претходната колумна не беше премногу активен. Виден и регистриран главно во западна Македонија, веројатно ќе си најде свое место во финалниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ. Како што укажав, со бугарски воз не само што не се стига до Европа, туку се покажа дека не се стига ни до посакуваната станица на булевар Илинден бр. 2 во Скопје.

За една нормална држава, крајно време е ваквите „марифетлаци“ и „мангуплаци“ за менување на изборната волја на граѓаните да заминат во историјата, а бугарскиот воз да се паркира на слеп колосек во некој иден музеј на ОБСЕ за изборни измами. Изборните манипулации и кражби треба од рубриката „Види како се снајдов“, да се префрлат во рубриката „Срам ме изеде“, а не па да се трча по странски амбасади и да се плаче како истите тие заедно со кондуктерот биле поткрадени.

Нема да ја коментирам бурата во чаша вода што се подигна околу свечената изјава на претседателката Сиљановска Давкова, бидејќи сѐ е веќе кажано во медиумите и јасно е како изгледа текстот на изјавата во соодветниот закон. Ги видовме и многуте функционери од претходната власт, вклучително и претходниот претседател Пендаровски, кои што пропорционално со доближувањето на изборите сѐ поштедро ја ословуваа државата како Македонија, без географска придавка, а сега дигаат врева.

Сметам дека претседателката Сиљановска Давкова е доволно мудра и академски силна да го расчисти патот за употреба на името на нашата држава низ меѓународните коридори согласно неспорното право на самоидентификација. Повеќе години гласно се забележува дека наметнатото име, кое не доби „изим“ од мнозинството македонски граѓани, се употребува пречесто и папагалски се повторува и каде што мора и каде што не мора. Се разбира, таквата субмисивност создаде голема одбивност кај граѓаните и потреба за јасно разграничување при користењето.

Со свечената изјава, претседателката практично отвори една здрава општествена дебата во поглед на практичното користење на името на државата на правно издржан и достоинствен начин. Првиот чекор за носење заеднички прифатен став за оваа исклучително чувствителна тема за нас претседателката го направи. Со интерес ја очекувам дебатата.

Кога сме кај дебатата, да спомнам дека би било добро нашата дипломатија олицетворена во Министерството за надворешни работи најпрвин да ги разбере аргументите, да ја слушне внатрешната дебата и да заземе унифициран став, па потоа да ги елаборира државните аргументи, наместо да истрчува пред руда и да побрза да не кодоши пред странските амбасадори. Тоа дава катастрофална слика за земјата. Загубата на власт, па макар таа траела и две децении, не го дава тоа право. Во политиката треба да се зачува елементарното достоинство, доколку претендирате да останете политички релевантни и некогаш повторно во иднина да се борите за власт.

Она што по инаугурацијата на претседателката Сиљановска Давкова некако помина под радарот е секако избликот на мизогинија кон новата претседателка. Да појаснам, терминот мизогинија според социологот Алан Џонсон претставува културен став на омраза кон жените, само бидејќи тие се жени. Таа е централен дел на сексистичките предрасуди кон жените во машко доминантните општества. Таа се манифестира на најразлични начини, почнувајќи од шеги за сметка на жените до порнографија и насилство врз жените.

Како да се сфати поинаку денешната изјава на еден почитуван политички аналитичар дека „претседателката не е по дома да пржи ајвар“ или пак повторуваната теза од политичари и коментатори дека инаугуративниот говор на претседателката бил „осмомартовски“. Јасно, зад омаловажувачките зборови стојат соголени личности, во сета своја ментална и социјална бедотија, затруени со предрасуди дека на жените местото им е само во кујна и дека внимание треба да им се посветува само за Денот на жената, Осми март.

Брука и срамота. Да не верува човек дека од вакви луѓе може да излезе толку примитивизам и потценување на половина од популацијата во државата. Човек да ги праша дали тие имаат мајки, сопруги или ќерки и дали се согласуваат и тие да бидат исто така третирани?

Не случајно претседателката Сиљановска Давкова во својот, за ова прашање историски говор, истакна дека „со жените на клучни позиции ќе се менуваат и мажите политичари“ (а и политички коментатори, м.з.), како и дека Македонија ќе стане „едно пристојно место за живеење“.

Мажиња што се криете зад омаловажување на жените, внимавајте! Промените пристигнуваат.

Амбасадор Зоран Дабиќ

Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ