сабота, 27 јули 2024

Полицијата уапси еден од напаѓачите на навивачи на Левски, баран со потерница

На граничниот премин Ќафасан, денеска утрото при влез во Македонија, полицијата го уапси 21 годишниот А.Д. од Скопје баран со потерница, осомничен дека е еден од петмината напаѓачи на навивачи на бугарскиот фудбалски клуб (ФК) Левски, по натпреварот меѓу Шкупи и Левски што се одржа во Скопје, во јули годинава.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа од МВР, тој бил баран со потерница поради основи на сомнение за сторено кривично дело насилство  на 27 јули 2023 извршено на улица Цветан Димов во Скопје врз навивачи на ФК Левски од Софија, Бугарија.

„По целосно документирање на случајот до ОЈО Скопје  ќе биде поднесен соодветен поднесок“, информираа од МВР.

Два дена по натпреварот, на 29 јули, МВР поднесе кривични пријави против четворица мажи на возраст од 28 до 32 години поради насилство извршено врз навивачи на бугарскиот фудбалски клуб Левски.

Поради нарушување на јавниот ред и мир пред и за време на фудбалскиот натпревар полицијата тогаш уапси и 19 навивачи на ФК Левски. Откако беа собрани повеќе од 2.500 евра за плаќање на казната што им ја изрече скопскиот суд, навивачите беа пуштени да заминат дома. 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи по инцидентите изјави дека односите меѓу навивачите не треба да се ставаат во врска со односите меѓу Македонија и Бугарија.

Натпреварот помеѓу фудбалските клубови Шкупи и Левски се играше во рамките на првиот квалификациски натпревар од конференциската лига на Европа. По двата натпревари во Скопје и во Софија, Шкупи испадна од понатамошното фудбалско натпреварување во Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ