МВР информира дека денеска во 14.20 часот на подрачјето на населба Влае, во брза заедничка акција на Оперативен тим Потраги во содејство со Единицата за интервентна полиција, бил лишен од слобода А.Д.(39) од Скопје, за кого пред два дена беше распишан централен распис за потрага, а во текот на вчерашниот ден беше поднесена и кривична пријава по брза постапка за извршени две кривични дела, убиство и тешки дела против општата сигурност.
По преземени сеопфатни оперативно-тактички мерки и активности во претходните неколку денови, лицето во 14.10 часот е забележано во близина на мостот „Обединети Нации“ и при обид за бегство е фатено и приведено во полициска станица, по што ќе биде изведено пред надлежен судија.
ЈО денеска соопшти дека доказите обезбедени до овој момент даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин. Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото.
“По настанот, тој се јавил повеќе пати телефонски кај неговата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите коишто живеат во зградата“, велат од ЈО.