сабота, 27 јули 2024

Полицаец ги изгубил сите планови за безбедност на ЛОИ во Лондон

Објавено на

часот

Сподели

Олимпискиот стадион во Лондон

Сериозен скандал го потресе Островот, откако таблоидот „Сан“ ја пренесе информацијата за „изгубеното богатство“. Компјутерот со сите планови завршил во редакцијата на весникот, откако пронаоѓачот ја доставил пратката. Британија е загрижена затоа што никој не знае дали податоците биле преземени пред да им бидат вратени на одговорните лица.

Ова е најголема грешка што британската полиција ја има направено, затоа што сите податоци можеле лесно да стигнат до терористичките групи, пред сè Ал каеда, која на база на тие податоци би испланирала напад што би однел многу жртви.

Главниот инспектор на територијалната полиција при Скотланд јард изјавил дека е засрамен од потегот на полицискиот офицер, кој е суспендиран. Досието содржело прецизни информации за сите безбедносни ризици што ги предвидела полицијата за време на ЛОИ.

Ако документите паднале во раце на терористите, тие ќе знаеле кога, како и каде е најлесно да се нападне. Во нив се објаснети и предолимписките проби, детали за реагирање во кризни моменти, планови за избегнување сообраќаен метеж, имиња и телефонски броеви на инспектори, наредници…

Досието содржи и транскрипти од офицери за радиостаниците што ќе ги употребуваат, а меѓу другото еден фрустриран полицаец вели „радиото никогаш не работи правилно“.

Документите биле најдени во лаптоп во возот за Дартфорд, Кент, на 5 јануари. Грешката е сериозна затоа што има и датотеки за високи полициски службеници што ја потенцираат важноста на професионалното однесување за време на ЛОИ.

„Не можам да верувам дека кој било полицаец би го оставил ова во воз. Ова е загрижувачко“, рече патник во возот.

Полицаецот, пак, се обидел да се одбрани за инцидентот, велејќи дека податоците не се оперативни и затоа нема опасност да бидат злоупотребени ако информациите стигнат до терористички ќелии.

„Полицаецот ја изгубил својата торба со многубројни документи. Тој го пријавил сето тоа. Бордот за професионални стандарди е информиран, според правилата“, изјави портпаролот на полицијата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ