сабота, 18 јануари 2025
Се бара притвор

Полициски службеник „падна“ за поткуп од 50 евра, го барал со зборовите: „знаете, ние не се трудиме џабе“

Полициски службеник е приведен, бидејќи при претрес кај него е пронајдена – кримтехнички обработена банкнота од 50 евра, како и други парични средства и документација од други лица. Јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот, а на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложил со решение на осомничениот да му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.

Објавено на

часот

Сподели

„Под раководство на надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а по претходно обезбедена наредба од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за претрес на службени простории и лице, вчера единиците на МВР приведоа полициски службеник осомничен дека примил поткуп“, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Осомничениот, вработен во Отсек за странци и реадмисија, како што велат од Обвинителството, на 16 јануари 2025 година во службените простории ја повикал оштетената која ја изгубила патната исправа и требало да извади нова.

Притоа без да изврши проверки за претходно изгубениот пријавен пасош и да ги запази работните процедури ѝ дал уплатница за да уплати за издавање на нов. Откако го уплатила износот, оштетената се вратила во просториите на Одделот за управни работи и на осомничениот му ја предала уплатницата прашувајќи го за временскиот рок на постапката за издавање. Осомничениот одговорил дека се чека од 6-12 месеци, на што оштетената негодувала, а осомничениот со гестикулации протривајќи ги прстите ѝ покажал дека треба да плати 50 евра за услугата велејќи „знаете дека ние не се трудиме џабе”.

Оштетената кажала дека нема пари во себе и ако не е проблем да ја почека да земе, а ако не стаса во текот на денот, да му ги предаде наредниот ден, на што осомничениот се согласил и рекол дека ќе ја чека за да ја заврши работата.

По излегување од зградата, како што се наведува во соопштението, оштетената свесна дека тоа што осомничениот ѝ побарал пари без да ги уплати на сметка за побрзо да ја добие патната исправа е кривично дело, случајот го пријавила во полициска станица.

„Во текот на вчерашниот ден му ја предала кримтехнички обработената банкнота на осомничениот која беше пронајдена при претресот“, велат од Обвинителството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ