петок, 26 јули 2024

Полицијата на северот на Косово ги затвори објектите на Поштенска штедилница на Србија, остри реакции од Белград

Властите на Косово во понеделникот објавија дека ја затвориле филијалата на Банката на Поштенската штедилница на Србија и нејзините филијали во четири општини на северот на Косово, каде што живеат мнозинство Срби.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Радио слободна Европа пренесе дека затворени се една филијала на Банката на Поштенската штедилница во Северна Митровица и четири експозитури на банката во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток. Затворени се и Управата за трезор на Министерството за финансии на Србија и трезорот на Народната банка на Србија.

Косовската полиција соопшти дека акцијата на северот на Косово била спроведена врз основа на извештаите на институциите за финансиски надзор, како што се единицата за финансиско разузнавање и Централната банка на Косово, заедно со Даночната управа на Косово.

На акцијата на косовската полиција остро реагираа претставниците на српските власти.

Во соопштението на косовската полиција беше наведено дека акцијата се одвивала без проблеми и инциденти.

„Целта на полициската акција е воспоставување ред и законитост, при што по овластување на надлежен обвинител беа затворени шест единици на таканаречената нелегална Поштенска штедилница на северот од земјата“, соопштија од полицијата.

Во акцијата на северот беа забележани членовите на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) и на мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, им честиташе на институциите за „покажаниот успех“ за време на акцијата на северот.

Реакцијата на Белград

Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека акцијата на косовската полиција против деловните субјекти на северот на Косово е „чин на варварство што директно го загрозува опстанокот на српскиот народ“ на Косово.

„Кому и зошто му пречи Поштенска штедилница? Поради што косметските Срби се единствената заедница во Европа што не може нормално да работи? Имаат ли косметските Срби имаат право на плати и пензии? Или против нив сè е дозволено?“, се наведува во соопштението на Владата на Србија.

Во соопштението се додава дека ова не е прашање за косовскиот премиер, туку за меѓународната заедница.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по тој повод изјави дека косовскиот премиер Аљбин Курти „со полицискиот упад во филијалите на Поштенска штедилница“ го продолжува „теророт врз српскиот народ“ на Косово.

Дачиќ додаде дека „ова води до нови конфликти на Балканот со несогледливи последици“.

Акцијата на косовските власти уследи една недела откако Централната банка на Косово објави дека завршил преодниот период за нејзино регулирање со кое се забранува користење на српскиот динар за плаќање.

Србија силно се спротивстави на регулативата на ЦБК, која го предвидува еврото како единствена валута за плаќање.

Државата Србија издвојува милиони евра за исплата во динари на плати, пензии и дополнителна помош на Србите во Косово.

ЦБК на 13 мај објави дека по завршувањето на периодот на транзиција, лиценцирала осум филијали на финансиски институции во општините со српско мнозинство, во Лепосавиќ, Звечан, Грачаница, Штрпац и една во Шилово во Гњилан.

Меѓународната заедница побара од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата за ЦБК, наведувајќи го негативното влијание што може да го има врз српската заедница на Косово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ