среда, 18 декември 2024

Полицијата ги објави деталите за сомнежите за сторениот криминал во Државна лотарија

Министерството за внатрешни работи (МВР) ги објави деталите од кривичната пријава која ја поднесе против осуммина осомничени за случајот Државна лотарија меѓу кои се и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, неговиот заменик Артан Груби, екс генералниот секретар на Владата, Методија Димовски и директорот на Лотарија, Прпарим Бајрами.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира МВР поладнево, на 13 декември 2024 од страна на  Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција-Сектор за криминалистички истраги-Единица за корупција до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје е поднесена кривична пријава против осуммина осомничени за  злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп и за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство.

Иако не смеел, Бајрами дозволил фирми да организраат онлајн коцкање

Според МВР првоосомничен и првопријавен во овој случај е поранешниот директор Прпарим Бајрами кој како претседател на Управниот одбор на Државната лотарија, во периодот од 2022 до 2023 година, свесно ги прекршил законите за игри на среќа.

Според доказите со кои располага МВР, Бајрами им овозможил на фирми од Скопје, Битола и Белград да организираат игри на среќа без лиценца, иако знаел дека тоа е спротивно на законот. Тој до Владата доставил информации за основање нови фирми кои би добиле право за организирање електронски и интернет игри на среќа, со помош на второпријавениот, поранешниот вицепремиер Артан Груби, добивајќи согласност од Владата за објавување на два јавни повици кои не смееле да ги објават.

„Државна лотарија спротивно од Законот за игрите на среќа, склучила договори за заедничко вложување со правни лица од Скопје, Битола и Белград, иако тие не ги исполнувале законските услови. Овие правни лица немале потребна регистрација и квалификации според јавните повици, кои бараат правното лице да е регистрирано во Северна Македонија со соодветна дејност. Со ова се прекршени правилата за јавниот повик, овозможувајќи формирање на друштво за организирање електронски игри на среќа – Нова државна видео лотарија. Како последица, новоформираните правни лица стекнале право да организираат игри на среќа без лиценца, при што правниот субјект од Скопје остварил противправна корист од 227.876.880 денари, а новоформираните правни субјекти од Скопје и Битола оствариле противправна имотна корист во вкупен износ од 55.029.956 денари“, се наведува во соопштението на МВР.

За да се случи ова, појаснуваат од МВР, Бајрами како претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, доставил информација до Владата за потребата од самостојно организирање електронски игри на среќа. По заклучокот на Владата од 6 јуни 2023 година, со кој Државната лотарија била задолжена да преземе активности, Најрами донел одлука за јавна набавка на видеолотариски терминали на 5 септември 2023 година. Со ова, тој им овозможил на две фирми од Бугарија и една од Чешка противправна корист во износ од 615.000.000 денари.

„П.Б. бил свесен дека Државната лотарија веќе го има вложено правото за организирање електронски игри како непаричен влог во друштвото Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа во 2013 година. Исто така, знаел дека според член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа, електронските и интернет игри на среќа можат да се организираат само од трговско друштво во кое државата има најмалку 51 отсто учество во капиталот и правото на одлучување. Овие игри, според законот, можат да ги приредува само едно друштво предвидено со ставот 2 од истиот член. Првопријавениот П.Б., иако знаел дека Државна лотарија го вложила правото за приредување електронски и интернет игри на среќа како непаричен влог во друштвото Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа во 2013 година, во годишниот план за јавни набавки за 2023 година предвидел набавка на видеолотариски терминали во вредност од 615.000.000 денари. Со оваа постапка, тој ја злоупотребил јавната набавка со намера да овозможи економските оператори да се стекнат со противправна имотна корист, нанесувајќи штета на буџетот на Државна лотарија“, велат од МВР.

Со тоа, според доказите на полицијата, фирмата од Бугарија добила корист од 286.634.967 денари, фирмата од Скопје 16.043.280 денари, а таа од Чешка 185.701.990 денари.

„На тој начин првопријавениот П.Б. извршил дејствија што не би смеело да ги изврши, спроведувајќи постапка за јавен повик која не требало да ја изврши ,донел одлука за избор на најповолен понудувач, а како награда за вака преземените службени дејствија примил подарок во вредност од 1.635.000 денари“, наведуваат од МВР.

Груби ја водел седницата на која било аминувано онлајн коцкањето

Второпријавениот поранешен вицепремиер Артан Груби како министер во Владата со цел да го прикрие кривичното дело на Бајрами, изјавил дека има позитивно мислење од Министерството за финансии за основање на трговското друштво Нова државна видео лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје, иако знаел дека такво мислење не постои. Со ова, велат од МВР, Груби овозможил да се отстранат пречките и да започне постапката за одобрување на основањето на ова друштво, кое потоа стекнало право да приредува игри на среќа без лиценца, спротивно на Законот за игрите на среќа.

„Дополнително, А.Г., како прв заменик на претседателот на Владата, ја водел седницата и ја ставил на дневен ред и ги усвоил информациите без прибавено мислење од Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, иако тоа било задолжително според член 68 став 1 точки 1 и 9 од Деловодникот за работа на Владата. Со ова овозможил формирање правни лица кои добиле право да организираат игри на среќа без лиценца, иако Државната лотарија на РСМ веќе го има вложено тоа право како непаричен влог во Друштвото Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа во 2013 година“, пишува во соопштението на МВР.

МВР се сомнева дека и екс премиерот Ковачевски е вмешан во криминалот

Како што соопшти полицијата, третопријавен во овој случај е и екс премиерот Димитар Ковачевски која како претседател на Владата, по претходен договор со Бајрами на 8 март 2022 година ја ставил на дневен ред и ја усвоил постапка за основање на трговското друштво Нова државна видео лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловодникот за работа на Владата.

„Со ова овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари“, наведуваат од МВР.

Во случајот Државна лотарија осомничен е и Методија Димовски кој според МВР, во својство на генерален секретар на Владата и покрај тоа што знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на владина седница ја предложил како точка на дневен ред за разгледување информацијата во врска со постапката на основање на трите нови трговски друштва за приредување на интернет игри на среќа, и на тој начин со пречекорување на границите на своите службени овластувања им овозможил на одговорните лица на фирмите од Скопје и Битола да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 4.852.212 денари, а новоформираните фирми од Битола и Скопје да остварат противправна имотна корист во „големи размери во вкупен износ од 55.029.956 денари“.

„Петтопријавениот В.П., во својство на службено лице – претседател на Комисијата за јавен повик учествувал во работата на комисијата и на 4 јули 2022 заедно со шестопријавениот А.А. и седмопријавената Н.Х., како членови на комисија, изготвил извештај од спроведена постапка во кој констатирал дека понудувачот-правно лице од Скопје ги исполнува сите критериуми за склучување на договор за заедничко вложување и покрај тоа што истиот не е приредувач на игри на среќа, односно не ги исполнувал законските услови ниту пак условите наведени во јавен повик во кои е наведено дека право на учество има секое заинтересирано домашно и странско лице – понудувач, кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот односно коцкање и обложување, а како награда за истото во периодот од 5 јануари 2024 до 10 октомври 2024 примил подарок – парична награда за себе во вкупен износ од 470.000 денари од правно лице од Скопје и тоа, парична награда во вкупен износ од 350.000 денари по основ месечен надоместок на член на надзорен одбор и 120.000 денари еднократно исплатена парична награда по основ член на комисија за спроведување постапка за избор на најповолен понудувач за склучување на договор за обезбедување на закуп на софтвер и онлајн платформа со играчки содржини за приредување интернет игри на среќа формирана од правно лице од Скопје“, информираа од МВР.

Дополнително, велат од полицијата, петтопријавениот В.П. пречекорувајќи ги своите службени овластувања на 4 декември 2023 заедно со шестопријавениот А.А., седмопријавената Н.Х. и осмопријавениот М.З. како членови на комисија учествувале и изготвиле извештај од спроведена постапка дека ги исполнуваат условите за склучување на договори за заедничко вложување, а како награда за истото на 25 јуни 024 примил подарок, парична награда за себе во износ од 120.000 денари по основ паричен надоместок, додека како награда за истото седмопријавената Н.Х. примила подарок, парична награда за лицето Д.Х. брат на нејзиниот сопруг Б.Х., во временскиот период од 18 јануари 2024 до 10 октомври 2024 во вкупен износ од 150.000 денари, а на одговорните лица во новоформираниот правен субјект друштвото Нова државна видео лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје му овозможила да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 8.598.000 денари.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ