Според информациите од „Водовод и канализација“, без вода се најголем дел од населбите низ градот. Вода има само во Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до американската амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман.
За санирање на дефектот околу полноќ беше запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600, а покрај оваа локација, ќе бидат санирани уште три дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод.
Од „Водовод и канализација“ вчера информираа дека е изготвен оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат.
„Главна цел на овој Оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби вода. Со затворање на Главниот Градски цевковод Ф1600мм поради санација на 5 затварачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар ‘Партизански одреди’ со ул. ‘Никола Парапунов’ ќе се изврши zамена на нефункционален затварач Ф 400мм на кружен тек во Ѓорче Петров, rепарација на затварач Ф600мм на мост ‘Обединети нации’ кој тече, заптивање на затварач Ф700мм на булевар ‘Партизански одреди’ кој протекува и замена на затварач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта, Санација на затварач Ф700мм и Ф500мм на ул. ‘Никола Парапунов’ и замена на 4 водушни вентили“, информираа од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Од Институтот за јавно здравје издадоа препораки за граѓаните. Се препорачува складирање на вода најмалку четири литри вода по лице на ден, да се користат средства за дезинфекција на раце ако нема достапна вода, да се готват оброци кои не бараат многу вода за подготовка и миење…
Најавената санација ги натера скопјани во изминатите денови да купуваат поголеми количини вода.
И угостителите обезбедуваа резерви, а некои од нив најавија дека би можеле и воопшто да не работат. Велат дека доколку прекинот со вода трае два – три дена или повеќе, тие ќе имаат големи штети.