сабота, 27 јули 2024

Покрената иницијатива планината Кожуф да се прогласи за Национален парк

Градоначалниците на Кавадарци, Гевгелија и Демир Капија, Митко Јанчев, Андон Сарамандов и Лазар Петров, осум еколошки и планинарски здруженија на граѓани, со подршка на професори од Природн-математичкиот факултет покренаа иницијатива за прогласување на планината Кожуф за Национален парк, соопштија иницијаторите.

Објавено на

часот

Сподели

Како што се наведува во соопштението, планината Кожуф се наоѓа на територијата на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија. Со површина од 893 километри квадратни, е една од ретките планини во Македонија со исклучително богата и единствена флора, фауна, геолошка уникатност, водни ресурси, културни и историски посебности од национално значење.

„Поради геополитички причини во изминатите осум децении планината Кожуф неоправдано беше изземена од грижата и од интересот на државата за нејзина заштита и зачувување. Според научните и истражувачките активности спроведени во последните двесетина години, се покажа дека планината Кожуф од многу аспекти има вредности од меѓународно значење. Затоа, градоначалниците на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија заедно со десетици еколошки и планинарски друштва, донесоа историска одлука и покренаа иницијатива за прогласување на планината Кожуф за Национален парк“, пишува во соопштението.

Додаваат дека со прогласувањето на планината Кожуф за Национален парк, нема само да се заштити оваа исклучително природно богатство, туку ќе придонесе и за голем економско-социјален развој и подем на регион и државата во целина.

Потписниците на оваа иницијатива појаснуваат дека на почетокот на оваа година ќе започнат активностите за изработка на Студија за валоризација на националниот парк, која треба да биде готова во период од 2 до 3 години. Потоа студијата се доставува до Министерството за животна средина и просторно планирање, а Владата потоа доставува предлог до Собранието за прогласување на планината Кожуф за Национален парк.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ