Барањето го поднесоа 85 пратеници од опозициските партии ПАСОК, СИРИЗА, Нова слобода и Нова левица, како и девет независни пратеници. Во документот од 17 страници, поднесен до парламентот од лидерот на најголемата опозициска партија, ПАСОК, Никос Андрулакис, се наведува дека „злосторничката катастрофа“ во Темпи на 28 февруари 2023 година е „најсмртоносната железничка трагедија во грчката историја“ и дека владата „овозможи неказнивост и учествуваше во прикривањето на фактите“.
„Ова сега е нелегитимна влада со нелегитимен премиер“, се наведува во предлогот за гласање недоверба, пишува Екатимерини.
Во документот детално се опишуваат низа настани и дејствија што ги натерале пратениците да го поднесат барањето, тврдејќи дека владата ја залажувала јавноста за безбедноста на железничкиот систем.
Во документот се обвинува администрацијата дека „не ги спроведе неопходните мерки за безбедност на железницата, кои можеа да ја спречат катастрофата, манипулираше со местото на несреќата, користи монтирани аудиоснимки и дава лажни тврдења, меѓу кои и изјавата на премиерот дека немало нелегален товар во товарниот воз“.
Освен тоа, пратениците тврдат дека Владата веќе две години не презела никакви чекори за подобрување на железничкиот систем или за решавање на состојбите што довеле до несреќата. Опозицијата нема мнозинство во парламентот за да ѝ изгласа недоверба на Владата, а премиерот Киријакос Мицотакис претходно изјави дека нема да успеат. Несреќата се случи на 28 февруари 2023 година, кога брз патнички воз што сообраќаше од Атина кон Солун се судри со товарен воз во општината Темпи.
Загинаа 57 луѓе, а десетици беа повредени, пред сѐ студенти што се враќаа на студии по продолжен викенд. Во Грција веќе неколку дена се одржуваат протести по повод годишнината од железничката несреќа. Полицијата денеска се судри со демонстрантите во центарот на грчката престолнина за време на протестот по повод втората годишнина од железничката несреќа.