сабота, 19 октомври 2024

Погодена е станбена зграда во Дамаск, сириските медиуми го обвинуваат Израел

Во воздушни напади денеска е погодена станбена зграда во Дамаск, јавуваат сириските државни медиуми обвинувајќи го Израел дека стои зад тој напад.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Нападот што го изврши Израел целеше во станбена зграда во квартот Мазе во Дамаск“, јави сириската официјална новинска агенција Сана.

Државната телевизија наведе дека „израелската агресија“ гаѓала во станбена зграда во западниот кварт Мазе во Дамаск. Во тој кварт се наоѓаат неколку дипломатски мисии, меѓу нив и амбасадите на Либан и на Иран, пренесува агенцијата АП.

Државните медиуми не наведоа дали има настрадани, но невладината Сириска опсерваторија за човекови права објави дека пет лица загинале во „израелскиот напад“ на зграда во Дамаск каде што се одржувал состанок на проиранските водачи.

„Во нападот со израелската ракета се гаѓаше четирикатница, при што се убиени пет лица и е уништена целата зграда каде што се состанаа проиранските водачи“, наведе оваа невладина организација чиешто седиште е во Велика Британија, но има голема мрежа на извори во Сирија.

Четири члена на Иранската револуционерна гарда се убиени денеска во израелски ракетен напад врз сириската престолнина Дамаск, вклучувајќи го и шефот на разузнавачката единица во Сирија, рекол за Ројтерс безбедносен извор од регионалната просириска алијанса.

Минатиот месец во израелски воздушен напад врз предградие на Дамаск беше убиен иранскиот генерал Сеед Рази Мусави, советник во паравоената Револуционерна гарда во Сирија, наведува АП. Оваа агенција потсетува дека Израел исто така гаѓал палестински и либански оперативци во Сирија во последниве години.

Израел во последниве години изведе стотици напади на цели во областите на Сирија под контрола на владата.

Израел ретко го признава своето дејствување во Сирија, но соопшти дека ги гаѓа базите на милитантните групи поврзани со Иран, како што се либански Хезболах, кој прати илјадници борци да ги поддржат силите на сирискиот претседател Башар Асад.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ