„Ова беше само еден мал дел од подготовките за одбележување на националниот празник на Србите во Македонија. Главната манифестација ќе биде на 27 јануари во Македонскиот народен театар. Оваа година на одбележувањето ќе присуствува неговата светост патријархот на Српската православна црква, г. Порфириј, кој ќе биде гостин на Македонската православна црква и на светосавската академија ќе пристигнат заедно со г.г.Стефан. Ќе бидат присутни и претседателот на Народното собрание на Црна Гора, претседателот на Народното собрание на Република Српска и други регионални претставници на српскиот народ“, изјави денеска министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.
Министерот посочи дека празниците на националните заедници во Македонија ќе се одбележуваат во министерството, затоа што, како што кажал и минатиот пат кога се одбележуваше Денот на турската заедница – тоа е куќа на сите национални заедници во Македонија.
„И мислам дека со ваквиот однос во третманот на помалите етнички заедници, даваме еден нов квалитет не само во политичкиот живот на државата во којашто живееме, туку даваме квалитет на пристапот и односот на припадниците на помалите етнички заедници кои досега не уживаа голема, не само поддршка, туку и внимание во државата. Да кажам дека беа малку запоставени и во културниот, и во политичкиот аспект во живеењето во Македонија“, рече Стоилковиќ.
Денес се одбележува Св.Сава, меѓутоа согласно програмата за правата на заедниците на Владата во 2025 година, и работата на министерството, припадниците на сите помали заедници во Македонија располагаат со сериозна сума пари за одбележување на нивните национални празници, истакна Стоилковиќ.
„Владата издвои доволно средства во буџетот кога ќе дојде нивниот ден, да може на тој ден на најдобар можен начин да ги прикажат на македонската јавност своите национални културни и сите други особености“, рече министерот.
На сите учесници на настанот им беа доделени пригодни подароци по повод Свети Сава, а дополнително ќе добијат и буквар на српски јазик.
Амбасадорката на Србија во Македонија, Невена Јовановиќ истакна дека одбележувањето на Св.Сава е празник кој за нив има симболика.
„Да се потсетиме на она што Свети Сава нè учи, а тоа се: љубов, слога, мир. Заедно со нашите ученици од основните училишта да се потсетиме колку се важни образованието, и навистина нема поубаво место од Скопје да испратиме порака за љубов и слога“, рече Јовановиќ.
Српската заедница во Македонија, како што кажа, покажа дека е релевантен и кредибилен партнер и претставува важен сегменет за функционирање во целокупното општество во државата.
„Како претставник на Република Србија наша заедничка желба е на линиите на добрите билатерални односи и наши блиски врски кои низ години, децении па и векови нè врзуваат, да продолжиме да градиме добрососедски односи во сочувување на регионалниот мир, стабилност во годините кои доаѓаат, рече српската амбасадорка Јовановиќ.
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ околу користењето на терминот „Косово и Метохија“ на веб-страната на неговото Министерство, нагласи дека тоа е од изјава пренесена на неговиот Фејсбук-профил при една негова посета на Белград, но дека тој како министер во македонската влада, во своето политичко делување ќе се однесува согласно одлуките на македонската држава.
Сепак, вели тој за спрскиот народ секогаш така ќе остане, бидејќи, како што рече, тоа е во согласност со Резолуција 1244 на Обединетите нации.
„Тоа е изјава која е пренесена од мојот Фејсбук-профил при една моја посета во Белград и одговорив на албанските медиуми. За сите припадници на српскиот народ секогаш ќе биде Косово и Метохија, бидејќи тоа е во согласност со Резолуција 1244 на Обединетите нации“, рече тој на настан по повод одбележување на Св. Сава – националниот празник на српската заедница во Македонија.