сабота, 27 јули 2024

Подољак ѝ одговори на Меркел: Престанете да ги оправдувате и охрабрувате агресорите

Објавено на

часот

Сподели

„Поранешната канцеларка Меркел, која ја направи Европа целосно зависна од руските енергенси, се правда: ‘Направив сѐ што е можно Русија да не започне војна и за тоа добив… евтин руски гас’. Фантастично“, напиша Подољак на Твитер.

Тој го критикуваше и инсистирањето на Меркел на дипломатија и преговори, прашувајќи ја за што има да се преговара.

„Повторно за евтин гас од Русија? Но, дали тоа мора да биде по цена на уништени украински територии и стотици илјади невини украински животи? И што е најважно – со кого? Со официјално признати меѓународни воени злосторници? После 430 дена брутална војна, дали навистина е можно толку длабоко да се презира слободата, толку отворено да се игнорираат руските масакри и толку отворено да се мрази правото на Украина на самоодбрана“, рече Подољак.

Тој ѝ порача на поранешната канцеларка дека, доколку не може да ги исправи грешките од минатото, треба да престане да ги оправдува и охрабрува агресорите.

Меркел во вчерашното интервју за весникот „Цајт“ изјави дека ги искористила сите можни средства што ѝ стоеле на располагање во обид да спречи избувнување војна во Украина.

„Тоа што не успеа, не е доказ дека беше погрешно да се проба“, нагласи поранешната канцеларка на Германија.

Таа изјави дека многу разговарала со поранешниот претседател на Украина Петро Порошенко и со актуелниот украински претседател Володимир Зеленски.

„Претседателот Зеленски беше многу критичен кон договорите од Минск. Тоа веќе го кажа за време на неговата предизборна кампања кога изјави дека ги смета за неостварливи“, рече Меркел.

Во интервју за истиот весник, објавено во декември минатата година, поранешната канцеларка на Германија изјави дека мировните договори од Минск во 2014 година биле само да се купи време за Украина. Таа изјави дека „на сите им било јасно“ дека се работи за замрзнат конфликт и дека проблемот не е решен.

Рускиот претседател Владимир Путин подоцна изјави дека изјавата на поранешната канцеларка е сосема неочекувана и разочарувачка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ