четврток, 24 октомври 2024

Поднесено обвинение против Љупчо Палевски, ќе му се суди заедно со другите обвинети за убиствата на Вања и Панче

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднел Обвинителен акт против едно лице, кое се товари за грабнување и убиство на Панче Жежовски во Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од Јавното обвинителство Плавески се товари за две кривични дела убиство и за две кривични дела грабнување.

„Во исто време, надлежниот обвинител поднесе и предлог за спроведување единствена постапка против овој обвинет и уште четири лица кои претходно беа обвинети за истиот настан, со оглед на тоа што во двата обвинителни акти се работи за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители, меѓу нивните дејствија постои поврзаност од аспект на време, место и начин на извршување, а постојат и исти докази“, се наведува во соопштението.

Тие заедно, како што велат од Обвинителството, испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.

„На 22 ноември 2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило цитроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“, се наведува во соопштението.

Од Обвинителството посочуваат дека на 27 ноември 2023 година, обвинетите, помогнати од таткото на Вања Ѓорчевска, исто така обвинет во случајот, го грабнале девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла ја убиле и Вања.

„Обвинителниот акт содржи предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот“, се додава во соопштението од Обвинителството.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година.

По повеќе од пет месеци поминати во екстрадициски притвор во Турција, во мај годинава во земјава беше екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 и на пензионерот Панче Жежовски.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето. Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството.

Судењето поврзано со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски  почнува на 4 септември пред Основен кривичен суд Скопје. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ