четврток, 6 март 2025

Подигнувањето на свесноста за реконструкцијата на дојката по борбата со канцер, им дава самодоверба на жените

Се зголемува бројот на млади пациентки со рак на дојка. Иако претходно жените над 40 години беа со поголем ризик да заболат од карцином на града, сега заболуваат и жени над 20 години. Поголем е и бројот на жени кои прават реконструкција на дојка. Статистиката покажува дека доколку пред десетина години имало 30 пациентки годишно кои ставале имланти на градите, сега годишно реконструкција на града прават од 120 до 150 жени, која е под товар на Фондот за здравстено осигурување, порачаа денеска говорниците за време на предавањето „Карцином на дојка“ што се одржа во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Потпретседателката и менаџерка за комуникации на ХЕМА-ОНКО, Милица Кузманоска пред почетокот на предавањето, изјави дека самата реконструкција на дојка на жените им дава самодоверба и подвлече дека имаат многу жени во ова Здружение кои се оперирани и имаат ставено импланти и се задоволни.

„Сите знаеме дека октомври е месец за подигнување на свесноста за рак на дојка, меѓутоа ние одлучивме по иницијатива на Клиниката за пластика и директорката Јасмина Георгиевска, да ги продолжиме активностите за подигнување на свесноста. Предавањето во поширок аспект ги опфаќа пациентите со рак на дојка од дијагноза, преку третман, меѓутоа и реконструкција на дојката, што е многу важен и значаен момент за пациентите, особено за младите пациенти. Во последно време, за жал, имаме се повеќе млади пациенти со рак на дојка“, рече Кузманоска.

Како што посочи, секој кога ќе ја добие дијагнозата, прво што ќе го помисли е што побрзо да се изврши оперативниот третман и да се отстрани некогаш дури и целата дојка, меѓутоа подоцна, откако пациентот ќе се разбуди и ќе биде свесен за состојбата, тогаш сфаќа дека некој дел од телото недостасува.

„Токму овие трибини се за подигнување на свесноста и за реконструкцијата на дојка, која што на некој начин им дава самодоверба на жените. Ние имаме многу жени во ХЕМА-ОНКО кои се оперирани и имаат ставено импланти, имаат направено реконструкција на дојка и се задоволни. Ова е еден дел од кампањата, вториот дел ќе опфати уште неколку градови во земјава“, додаде Кузманоска.

Таа подвлече дека реконструкцијата на дојка е законски регулирана и паѓа на товарот на Фондот за здравствено осигурување. Самата реконструкција, како што рече, зависи од состојбата на пациентот, бидејќи има два вида на реконструкција – реконструкција со ставање на импланти, како и реконструкција со сопствено ткиво, од сопственото тело.

Д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, медицински директор, специјалист по општа хирургија, супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија пред почетокот на предавањето изјави дека сега постојат и 20-годишни пациентки кои доаѓаат за реконструкција на дојка.

„Иако претходно жените над 40 години беа со поголем ризик да заболат од карцином на града, сега имаме и жени над 20 години кои доаѓаат за реконструкција. Реконструкциите се под Фондот, а ги работи Клиниката за пластична хирургија. Реконструкцијата може да се направи со сопствено ткиво кое што може да биде од стомак или од грб, само тука е малку пообемен тој оперативен зафат и остануваат видливи лузни. Реконструкцијата со импланти и со експандери е многу поедноставна и за лекарот и за пациентите, затоа што с è оди преку лузната која што веќе е направена од претходниот оперативен зафат“, рече Ѓоргиевска Павловска.

Како што подвлече, нивната најмлада пациентка која реконструирала дојка е на 28- годишна возраст.

„Најмлада пациентка која реконструираше дојка е на 27/ 28 годишна возраст. Јас имам пациентки кои се мастектомирани на двете страни. Тие имаат накај 50 години, но првата мастектомија им била на 33/34 годишна возраст. Ние имаме соработка со Клиниката за торакална хирургија, каде што примарната реконструкција се одвива речиси дневно“, рече Ѓоргиевска Павловска.

Говорејќи за статистичките податоци, Ѓоргиевска Павловска напомена дека доколку пред десетина години имало 30 пациентки годишно кои ставале импланти на нивните гради, сега имаме годишно од 120 до 150 жени кои ставаат импланти под товар на Фондот.

Д-р Валентина Бојовска Трајановска, специјалист по онкологија посочи дека во целиот третман многу е важна и самата психолошка и психофизичка состојба на пациентките.

„Многу е важно како дел од целиот третман, во каква психолошка и психофизичка состојба се самите пациенти. Дојките се едни од најважните органи за секоја жена и секоја загуба на дојката е голема траума. Во соработка со Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија се прават сè подобри реконструкции. Имам видено прекрасни дојки, многу поубави отколку оние што пациентката ги имала претходно. Дури, колегите се насочени кон тој дел, па се прават и посебни реконструкции и на другата дојка, за тие дојки да добијат убава симетрија“, рече Бојовска Трајановска.

Прашана дали ќе биде реконструкцијата направена веднаш по самото дијагностицирање или откако ќе заврши целиот третман од нивната страна, Бојовска Трајановска одговори дека не може да се каже така лесно, бидејќи за ова влијаат многу фактори.

„За ова влијаат многу фактори, а најмногу и самата желба на пациентката, но и во кој стадиум била, кои третмани се очекуваат од наша страна. Сепак, 99 проценти од пациентките би сакале да имаат реконструкција“, рече Бојовска Трајановска.

Таа подвлече дека се зголемува бројот на помладите пациенти. Нејзината најмлада пациентка имала неполни 23 години.

„Не е проблем во оваа држава само да се реши колку долго ќе ја имаме достапна таа скапа терапија. Најголем дел од таа скапа терапија се дава веќе во стадиумите коишто се во поодмината фаза. Доколку пациентката во рана фаза ја открие болеста, не само за лековите, туку полесно и подобро ќе биде и за самата реконструкција. И товарот на државата ќе биде многу помал и лековите ќе нема воопшто потреба да ги прима од тој тип“, додаде Бојовска Трајановска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ