недела, 21 април 2024

Поддршка од Еуримаж за македонските копродуценти

Паневропскиот филмски фонд Еуримаж додели финансиски средства за 26 проекти од вкупно 76 пријавени на сесијата која неодамна заврши.

Објавено на

часот

Сподели

„Оваа сесија ја одбележа шпанската кинематографија со вкупно 10 пријавени проекти, од кои 6 добија финансиска поддршка. Ако се има предвид дека секој пријавен проект во Еуримаж има потврдена национална финансиска поддршка ова навистина е респектабилен буџет за филмски проекти и тоа само за една сесија“, изјави националниот претставник Тања Ќурчинска Пепељугоска по завршување на 171-та сесија.

„Мартовската сесија ја одбележа и родовата еднаквост, која изразена во статистика покажува дека од вкупно 26 поддржани проекти 14 се на режисерки, односно 54% од проектите се под женската режисерска палка. Ако ги анализираме доделените средства, 61% од вкупниот мартовски буџет припаѓа на овие 14 проекти во режија на жените режисерки. Еуримаж е пред остварување на зацртаната цел за подеднаква распределба на средствата меѓу мажите и жените режисери“.

Проектот „Бело се пере на 90“ во режија на словенечкиот режисер Марко Небершник доби поддршка во износ од 149.000 Евра. Во овој проект учествуваат голем број копродуценти од Словенија, Италија, Србија, БиХ, Црна Гора, а од Македонија копродуцент е „Црна Мачка“ од Скопје.

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.464 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 701 милиони евра.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ