петок, 26 јули 2024

Почнува судењето на Трамп, прво судење на американски претседател во историјата

Во Окружниот суд на Менхетен во Њујорк денеска почнува судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и тоа ќе биде прво судење на американски претседател во историјата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Доналд Трамп е обвинет за фалсификување деловни документи кога ѝ платил на порно актерката Сторми Даниелс, преку својот адвокат, 130.000 долари за таа да не зборува јавно за нивната наводна афера.

Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани, пишува Гласот на Америка.

Обвинението поднесено од обвинителот Алвин Брег го обвинува Трамп за фалсификување деловни документи во 34 точки и е прво кривично обвинение против американски претседател.

Обвинителството тврди дека Трамп со фалсификувањето на овие документи всушност сакал да го прикрие своето влијание врз изборната кампања во 2016 година, односно да ја намали штетата што би била предизвикана од обелоденувањето на наводната афера.

Според обвинителството, Трамп преку својот тогашен адвокат Мајкл Коен ѝ платил 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, за таа да не зборува јавно за нивната наводна афера.

Трамп во деловните книги ги претставил тие пари како трошоци за адвокат.

Адвокатите на Трамп рекоа дека тој ѝ ги дал парите на Даниелс за да се поштеди себеси, својата компанија и своето семејство од јавен срам, а не за да ја спаси својата кампања.

Обвинението беше покренато во март 2023 година, а почетокот на судењето беше закажано за 25 март годинава, но неколкупати беше одложувано бидејќи тимот на Трамп побара повеќе време за собирање дополнителна документација.

Процесот треба да започне денеска со избор на 12-члена порота, која ќе одлучи дали Трамп е виновен за обвиненијата, што, како што се оценува, ќе биде голем предизвик за судиите, адвокатите и поротниците, бидејќи се работи за историски случај од висок профил.

Бидејќи ја навредил ќерката на судијата, Трамп доби судска забрана јавно да зборува за учесниците во овој процес и нивните семејства.

Не е познато дали Трамп ќе присуствува на првото рочиште, но се очекува да се појавува пред судот во Њујорк во текот на процесот, додека води кампања за претседателските избори во ноември.

Неговиот поранешен адвокат и некогашна десна рака, Мајкл Коен, треба да сведочи на судењето, а тој претходно призна дека имал шема за исплата на Даниелс.

Сторми Даниелс исто така рече дека очекува да биде повикана да сведочи во ова судење.

Поранешниот претседател може да добие казна затвор до четири години за кривично дело фалсификување деловни документи.

За Трамп да биде прогласен за виновен, обвинителството мора да докаже дека не само што фалсификувал деловни документи, што би било прекршок, туку дека сакал да прикрие уште едно прекршување на законот, што е кривично дело.

Дури и ако Трамп биде прогласен за виновен и оди во затвор, тоа нема формално да го дисквалификува да се кандидира за претседател на 5 ноември, наведува Гласот на Америка.

Против Трамп се водат и два други федерални кривични случаи, за незаконско ракување со доверливи документи и обид да се поништат резултатите од изборите во 2020 година, како и кривично дело во Џорџија за обид да влијае на резултатите во таа држава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ