сабота, 27 јули 2024

Почна пописот на населението на Косово, српските партии се против

На Косово денес почна попис на населението кој ќе трае до 17 мај, а косовските Срби во изјавите за локалните медиуми порачуваат дека не се информирани за тоа и дека ќе постапат како што ќе одлучи мнозинството, додека српските партии се против пописот поради односот на приштинските власти кон српската заедница.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Со речиси единствен став, неколкуте српски партии се против учеството на Србите во пописот, со оценки дека не е вистински момент за тој процес поради тоа што српската заедница е изложена на институциско насилство од Приштина.

Пописот го организираат косовските институции преку агенцијата за статистика и тоа е втор попис по оружениот конфликт во 1999 година.

Приштинските власти ги повикаа сите жители на Косово, вклучувајќи ги Србите, да се регистрираат, но неизвесно е колкав ќе биде одзивот на српската заедница поради односот на властите во Приштина, особено на косовскиот премиер Аљбин Курти.

Српска листа, најголемата српска партија на Косово, соопшти денес дека припадниците на српската заедница нема да учествуваат на пописот, поради „репресијата на режимот на Курти“.

Недовербата, главно на северот на Косово, со години е сè поголема и „се чини дека е најизразена од моментот кога косовските Албанци во 2008 еднострано прогласија независност“, оцени во својот денешен извештај за почетокот на пописот Радиотелевизија Србија.

Според законот за попис на населението, домаќинствата и становите, секое лице може да биде казнето со парична казна од 30 до 2.000 евра доколку одбие да им даде податоци на попишувачите. Казните за фирмите одат и до 20.000 евра.

Извршниот директор на агенцијата за статистика на Косово Авни Кастрати кажа дека очекува бројот на жители на пописот да биде помал отколку во 2011, а дека казните за оние кои ќе одбијат да учествуваат ќе изнесуваат и до 10.000 евра.

Последниот попис на населението на Косово во 2011 не беше одржан во четирите општини на северот со мнозинско српско население, додека во општините во централниот дел на Косово тој процес Србите главно го бојкотираа.

Според тој попис, вкупниот број на жители на Косово е околу 1,8 милиони, од кои 25.000 Срби. Според проценките на цивилниот сектор на Косово живеат околу 100.000 припадници на српската заедница. Пописот требаше да биде одржан во 2021, но беше одложен поради пандемијата, а потоа беше одложуван уште два пати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ