четврток, 26 декември 2024

Почна климатскиот самит во Баку, ги нема лидерите на државите кои најмногу загадуваат

Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени (КОП29) почна денес во Азербејџан, во сенка на реизборот на Доналд Трамп, кој вети дека ќе ги прошири обврските на Соединетите Американски Држави за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тука во Баку, мораме да договориме нова глобална цел за финансирање за климатските промени. Ако најмалку две третини од светските нации не можат да го финансираат брзото намалување на емисиите, тогаш секоја нација плаќа сурова цена“, кажа на отворањето претседателот на Рамковната конвенција на ОН за промена на климата Сајмон Стил.

„Да ја отфрлиме идејата дека финансирањето на (борбата против) климатските промени е милосрдие. Амбициозна нова цел за финансирање целосно е во интерес на секоја нација, вклучувајќи ги најголемите и најбогатите. Не можеме да заминеме од Баку без значаен исход“, заклучи тој.

Лидерите заминаа во Баку на главниот форум на Обединетите нации за климатска дипломатија по новите предупредувања дека светот во 2024 ќе ги собори температурните рекорди, што додава итност на кавгите за финансирање на борбата против климатските промени.

Но, враќањето на Трамп се надви над расправата поради стравувањата дека американското напуштање на историскиот Париски договор за ограничување на глобалното загревање би можело да значи помали амбиции на преговарачката маса.

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден не учествува на конференцијата, како ни многу други лидери кои традиционално се појавуваа на почетокот на преговорите за да му дадат тежина на настанот.

Присутни се само неколку лидери на земјите од Г20, на кои отпаѓаат речиси 80 отсто од светските емисии на стакленички гасови.

Преговарачите мора да ја зголемат целта од 100 милијарди долари годишно за да им се помогне на земјите во развој да се подготват за сè полошите климатски ефекти и нивните економии да се оддалечат од фосилните горива.

Колку ќе се понуди, кој ќе плати и кој ќе има пристап до средствата се некои од главните спорни прашања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ