недела, 3 ноември 2024

Почна да работи Македонската берза на електрична енергија

Објавено на

часот

Сподели

„Тргувањето беше успешно, сите учесници на пазарот кои денеска тргуваа електрична енергија имаа успешен ден, си го најдоа својот интерес – оние кои продаваат да продадат, другите кои купуваат да купат електрична енергија. Според мене, е голем ден, бидејќи заедно со сите институции покажавме дека имаме голем капацитет за спроведување на реформи кои се рамо до рамо со оние реформи кои се водат во Европа“, изјави Шутиноски на настанот со кој официјално беше означен почетокот на работата на Македонската берза на електрична енергија. 

Тој појасни дека денеска беше отворена можност да се продава домашната електрична енергија, бидејќи оние кои ја продаваат таа енергија немаат дополнителни трошоци за прекугранични капацитети, закуп на останати капацитети низ државите да ја донесат таа енергија.

„Но, сепак тука се појавуваат и компании кои се познати во Европа. На организираниот пазар има големи компании од Европа кои тргуваат буквално на сите берзи на електрична енергија. Тие имаат свои начини како да ја донесат енергија, да искалкулираат поволни цени, за да направат понуда од која би биле и тие задоволни, а и купувачите на таа енергија. Денеска се истргува енергија буквално од целата Европа, вклучително и домашната електрична енергија“, рече Шутиноски во одговор на новинарско прашање. 

Цената на берзата, како што кажа, се формира со доставување на понуди на оној кој продава колкава енергија продава во кој час и цена по кој тој сака да ја продаде и оние кои купуваат електрична енергија во часовите од наредниот ден и тоа се однесува на сите часови во кои тие сакаат да купат, доставуваат понуди за цена по која би купиле. 

„Сите овие податоци се собираат во системот за тргување. Значи цената не се основа на цени од регион или од некоја друга берза, туку берзата формира цена, од побарувачката и понудата од друга страна“, рече Шутиноски и додаде дека Македонската берза има најевтин надоместок во регионот за учество на берзата што го плаќаат компаниите и најевтина годишна членарина.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на САД, во писмо испратено до МЕМО по повод почетокот со работа на правата Македонска берза за тргување со електрична енергија истакна дека работата на оваа берза, значи сигурност за производството на струја, сигурност за  болниците, за училиштата, за сите институции, коишто набавуваат енергија на либерализираниот пазар  – односно стабилно снабдување со струја и можност за ефикасна набавка на достапни количини на струја.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека денешниот настан е историски за нашата земја, за нашата енергетика и економија.

„Со отворањето на берзата  на електрична енергија се придружуваме на еден високо конкурентен и динамичен европски пазар на електрична енергија, кој пак ќе ни овозможи поврзување со пазарите од соседството и исполнување на нашите енергетски потреби на најефикасен начин. Добиваме конкурентен пазар на кој транспарентно, недискриминирачки и ефикасно ќе се тргува со електричната енергија, а со активното купување и продавање на електричната енергија на пазарот ден – однапред, нашата земја конечно ќе добие референтна цена на електричната енергија на пазарот на големо“, изјави Битиќи.

Посочи дека Берзата на електрична енергија не е важна само за нашата земја, туку и за целиот регион бидејќи затвора еден голем циклус на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, согласно паневропскиот модел.

„Географската положба и добрата интерконекциска поврзаност со соседите на Северна Македонија ќе и овозможи регионално поврзување со пазарите на електрична енергија од ЕУ и регионот на Западен Балкан, за поконкурентна цена на електричната енергија на либерализираниот пазар. Преку МЕМО ни се отвораат многу нови можности за развој и просперитет на нашата земја и привлекување на нови инвеститори во производствени капацитети од обновливи извори на енергија како што се сонцето и ветерот, што создава улови за потенцијалните странски инвеститори во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори“, потенцира Битиќи.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски порача дека денес се оствари сонот на сите кои работат во енергетиката. 

„Денеска започна работата на Македонската берза на електрична енергија, берза која што ќе обезбеди платформа за транспарентно функционирање на пазарот на електрична енергија во нашата земја. Оваа Македонска берза, е прв чекор кон понатамошно учество на Македонија во паневропскиот пазар на електрична енергија, којшто е процес којшто е неминовен и никогаш нема да запре.  Кога се сака нешто, се може, и секогаш тоа носи успех и напредок“, изјави Бислимоски.

Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски во видео обраќање истакна дека креирањето на конкурентен пазар за тргување со електрична енергија е една од целите на Европската комисија, но додаде дека, крајната цел е да има целосна интеграција и поврзување со останатите пазари на електрична енергија, односно да има еден единствен пазар на електрична енергија на ниво на Европската Унија.

„Уверен сум дека отворањето на денешниот пазар ден – однапред  во Северна Македонија ќе овозможи во иднина да може да се приклучиме на единствениот пазар ден – однапред и да имаме соодветно прекугранично поврзување. Воведувањето на пазарот ден – однапред ќе овозможи да се направи уште многу и ќе може да се повикаат потенцијални инвеститори“, порача Лорковски.

Заменик-амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мејер во обраќањето пред присутните истакна дека берзата преку размена на електрична енергија ќе овозможи голем број бенефиции за Северна Македонија, ефикасно креирање на цените на електрична енергија, но и бенефиции за заинтересираните инвеститори.  

Нагласи дека берзата, особено поволно ќе влијае на секторот за обновливи извори на енергија и врз напорите на земјата за зголемување на количините на обновлива енергија, што ќе даде поттик за придвижување кон декарбонизирачката енергетска иднина.  

Мејер рече дека лансирањето на берзата исто така овозможува поттикнување на поголема енергетска интеграција во Европа во однос на дизајнирањето на пазарот на струја. Додаде дека се отвора можност за усогласување на сопствениот пазар со соседните пазари за струја и се помага во оптимизирање на ресурсите во регионот. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ