понеделник, 10 март 2025

Почит и сеќавање за трагедијата на Евреите од Штип депортирани во логорот на смртта Треблинка

Општина Штип и Еврејската заедница денеска им одадоа почит на 535 Евреи од Штип, кои беа убиени во логорот на смртта, Треблинка. По тој повод се оддржаа Поворка на живите, положување на цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи во Штип и посета на еврејските гробиште.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви истакна дека по 82 години од кобната ноќ меѓу 10 и 11 март сè уште се силни спомените за 535 Евреи од Штип кои беа депортирани и убиени во Треблинка.

„Македонија со голем пиетет се потсетува на депортираните 7.144 Евреи од Битола, Штип и Скопје. Вчера им одадовме почит на битолските Евреи, денеска им одаваме почит на 535 штипски Евреи депортирани во Треблинка, утре ќе им одадеме почит на заедничка комеморација на сите македонски Евреи во Скопје пред Тутунскиот комбинат и во Музејот на холокаустот“, изјави Леви.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека никогаш не треба да се заборави датумот, кога Евреите од Штип биле депортирани во логорот на смртта Треблинка.

„Го одбележуваме датумот којшто никогаш не треба да се заборави, но и да ни биде поука за во иднина да имаме повеќе толеранција, соживот и да градиме едно заедничко општество без разлика на етничка, верска или било која припадност за сите“, вели Јорданов.

На споменикот на депортираните Евреи во Штип цвеќе положија владина делегација составена од министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и државниот секретар во министерството за правда, Дајанчо Ефтимов, пратениците во Собранието на Република Македонија, Душко Иванов и Благој Бочварски, претставници од државни и локални институции и политички партии.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ